Документ зa јавни политики – препораки за вклучување на РЕСИ – родовата еднаквост и социјалната инклузија во Законот за заштита на децата
Документ зa јавни политики – препораки за вклучување на РЕСИ – родовата еднаквост и социјалната инклузија во Законот за заштита на децата има за цел да ги анализира можностите за поголемо вклучување на РЕСИ во законот, нагласувајќи ги предизвиците и недостатоците. Препораките кои се обезбедени водат кон подобри и поквалитетни услуги за сите деца, посебно за оние под социјален ризик, и го унапредуваат целиот систем за заштита на децата, со придобивки како во социјалната така и во економската сфера.
Кои се суштински аспекти на идните промени во Законот за заштита на децата? Со Законот за заштита на децата се уредуваат системот и организацијата за заштита на децата. Заштитата на децата е организирана дејност заснована врз правата на децата, како и врз правата и обврските на родителите за планирање на семејството и врз обврските на државата и единиците на локалната самоуправа за водење хумана популациона политика. Во оваа смисла, Законот ја презема обврската на државата за згрижување на децата, за да можат родителите, а особено мајките, да бидат ослободени од обврските за грижа и нега, за да можат да се реализираат работно и да бидат продуктивни.
Истовремено, заштитата на децата се остварува со обезбедување услови и квалитет на грижа и нега што одговара на најдобриот интерес на детето и што го поттикнува физичкиот, менталниот, емоционалниот, моралниот и социјалниот развој на децата. Во смисла на овој Закон, за дете се смета секое лице до наполнети 18 години живот, како и лица со попреченост до наполнети 26 години живот. Во овој контекст, грижата и услугите за децата со попреченост, но и за надарените деца, е нешто што неопходно мора да се унапредува. Исто така, системот би требало да се прошири на децата од руралните средини, децата кои живеат под прагот на сиромаштија, како и децата Роми, чиј опфат во градинките и центрите за ран детски развој е сѐ уште многу низок.
Прочитајте ги конкретните препораки за унапредување на целиот систем за заштита на децата, низ призмата на РЕСИ. Документот за јавни политики е достапен на македонски, албански и англиски јазик.

