Од 22 до 29 ноември, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“ се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ кон која, веќе шеста година по ред, се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
ХЕРА е само една од над 750 организации од 53 европски држави кои учествуваат во активностите на Европската недела на ХИВ тестирање со цел да се зголеми пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ. На тој начин, информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе можат да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат пристап до терапија, грижа и поддршка.
Денес, се проценува дека во нашата држава 35% од луѓето со ХИВ не го знаат својот ХИВ-позитивен статус, односно не се свесни дека се ХИВ позитивни. Подобро е да се знае својот ХИВ статус што поскоро, затоа што денес со терапијата за ХИВ која е достапна и кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот, бидејќи луѓето кои редовно примаат терапија, имаат недетектибилно ниво на вирусот, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и доколку не се користи заштита, односно кондом. Затоа е толку важно навременото тестирање.
Во рамки на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ од денес до следниот петок, во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно ќе биде достапно бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој работен ден од 17.00 до 21.00 часот и за време на викендот од 11.00 до 15.00 часот. Ги охрабруваме граѓаните да го посетат центарот и да направат ХИВ тест. За подетални информации, можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.
Европската недела на тестирање за ХИВ започнува денес, со настанот „Минус или плус – се живее со секој статус“ кој го организираме во соработка со здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, од 19.00 часот во кафе бар Котур. Настанот е од отворен карактер, а ќе се состои од проекција на неколку кратки видеа со лични приказни за животот со ХИВ и разговори околу нормализирање на разбирањето за ХИВ денес.
Дали треба да направат ХИВ тест и други информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ граѓаните може да дознаат и на мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест. Преку неа може да се информираат за сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.