Со особено задоволство ве информираме дека на 20. април 2012 година, петок, во хотелот Бест Вестерн, со почеток во 10:00 часот ќе се одржи работилницата за пратеници на Собранието на РМ на тема „Законодавниот дом и ХИВ – политики, закони, застапување“. Работилницата ја организира Здружението на граѓани ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Националниот демократски институт (НДИ) и Фондацијата за демократија Вестминстер, а во соработка со Европскиот парламентарен форум за популација и развој.
Предавач на работилницата ќе биде уважениот лорд Фаулер, истакнат член на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство. Моментално тој е член на комисијата за ХИВ/СИДА на Обединетото Кралство и претседавач на избраниот комитет за ХИВ/СИДА при Домот на лордовите. Пред членството во Горниот дом, лорд Фаулер служел како пратеник, министер за вработување и министер за здравство и социјална безбедност во владите на Маргарет Тачер од 1981 до 1990 година. Како министер за здравство и социјална безбедност тој ја спровел првата официјална кампања за едуцирање на британската јавност во однос на ХИВ.
Работилницата ќе биде модерирана од г-ца Елизабета Божиноска, одговорна за ХИВ програмата на ХЕРА, а ќе се обратат и г-ца Марина Давидашвили, постар советник за политики во Европскиот парламентарен форум за популација и развој, г-дин Андреј Сених во име на „Заедно посилни“ – работна група за поддршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Македонија, како и г-дин Бојан Јовановски извршен директор на ХЕРА.
Целта на настанот е да ги запознае македонските пратеници со клучните прашања за ХИВ-епидемијата, да им ги пренесе британските искуства, и да иницира создавање на меѓупартиска парламентарна група за ХИВ, со што би се зајакнала улогата на пратениците и Собранието во националниот одговор на ХИВ.