Сексуалните права се универзални човекови права засновани на вродената слобода, достоинството и еднаквоста на сите човечки суштества. За потполно уживање на овие права, сите луѓе треба, меѓудругото, да имаат пристап до информации и пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ). Но, ова како да не важи за лицата со попреченост во Македонија.
Во отсуство на доволно приватност и соодветно структурирани програми за СРЗ, лицата со попреченост кај нас живеат опкружени со бројни физички бариери, професионални предрасуди и чудни погледи, па едвај ги остваруваат своите сексуални и репродуктивни права. Иако токму правото на СРЗ треба да ја гарантира нивната заштита и рамноправност.
Сакајќи да ги актуелизираат овие прашања меѓу пошироката јавност, но и да ги охрабрат лицата со попреченост да зборуваат и да ги побараат своите сексуални и репродуктивни права, ХЕРА и Платформата за унапредување на СРЗП на лицата со попреченост организираат „Денови на сексуално и репродуктивно здравје и лица со попреченост“.
Почнувајќи од утре (19 октомври), ќе се организираат искуствени работилници за сексуалност за лица со попреченост и работилница за лица со интелектуална попреченост, а ќе се обезбедат и бесплатни дерматовенеролошки и гинеколошки прегледи во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно. „Деновите на СРЗ и лица со попреченост“ завршуваат на 10 ноември во „Даре Џамбаз“, кога ќе се одржи јавна трибина, придружена со филмска проекција. Целосната програма за настанот е достапна тука.