Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување објавува повик за ангажирање експерт за подготовка и реализација на форум-театарска претстава за потребите на проектот „Менување на негативните наративи за Ромите во здравствените институции“, проект поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Проектот има за цел на креативен начин да го подигне нивото на емпатија кај здравствените работници од една страна и кај ромската заедница од друга. Односно, преку промена на наративите за пациентите Роми, да се подобри комуникацијата и нивото на соработка меѓу докторите и Ромите. Притоа, форум-театарот е една од низата проектни активности преку кои ќе се (из)градат позитивни ставови и однесување кај здравствените работници во Скопје, Битола и Делчево кон пациентите Роми. Форум-театарската претстава ќе биде изведена три пати, во театри во Скопје, Делчево и Битола.
ОПИС НА АНГАЖМАНОТ
Очекувани резултати:
- Фасилитирање на фокус-групи со здравствени работници и претставници од ромската заедница во градовите опфатени со проектот, преку кои би се идентификувале реални ситуации за подготовка на сценарио за форум-театарската претстава за промена на наративи кај здравствените работници за Ромите како пациенти.
- Подготовка на сценарио за форум-театарската претстава.
- Избор и составување на група на аматерски и/или професионални актер(к)и кои ќе ја одиграат претставата.
- Режирање и сценска подготовка на форум-театарската претстава.
- Модерирање на дискусиите со публиката во рамки на форум-театарските претстави во градовите опфатени со проектот.
ПРОФИЛ И ПОТРЕБНИ КВАЛИФИКАЦИИ
Експертот за форум-театар треба да има соодветно знаење и искуство со веќе докажани продукти. Поточно, експертот треба да ги исполнува следните услови:
- Искуство од најмалку 5 години во областа на подготовка на форум-театарски престави, театарска режија и работа со млада популација;
- Искуство од најмалку 5 години во модерирање на јавни настани и дискусии со публика, кои се дел од форум-театарски претстави;
- Во својата биографија да посочи на искуства во работа со граѓанскиот сектор во РМ и во познавање на човековите права, правата и потребите на лицата од ромската заедница;
- Познавање на здравствениот систем на РМ и правата на пациентите;
- Способности за планирање и организација;
- Течно говорење на македонскиот јазик;
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.
ВРЕМЕНСКА РАМКА
Ангажманот се очекува да трае 35 работни денови во периодот од октомври 2017 до април 2018 година со вклучени повремени патувања до градовите опфатени со проектот.
ПРИЈАВУВАЊЕ
Заинтересираните лица, најдоцна до 1 октомври 2017 година, потребно е да достават:
- професионална биографија
- мотивациско писмо
- портфолио/листа на клиенти/организации за кои се спроведени исти/слични активности
Документите со назнака Повик за експерт за форум-театар треба да се достават:
- Електронски на следната е-адреса: konkurs@hera.org.mk или
- По пошта на следната адреса: Х.Е.Р.А., ул. „Франклин Рузвелт“ бр. 51А, 1000 Скопје
Пријавените кандидати ќе бидат известени за резултатите од повикот, по електронски пат, најдоцна 15 дена по изборот на експерт за форум-театар.