ХЕРА – младинска група
„Не ја дискриминирај љубовта“
Меѓународен ден за борба против хомофобија и трансфобија
Волонтерите во ХЕРА постојано работат со млади од целата земја при спроведување на неформално сексуално образование. Често пати кога се работи и се дискутира за прашањата поврзани со различните сексуални ориентации од страна на младите се поттикнуваат хомофобични изјави и ставови, а тие неретко се насочени кон некој од нивните соученици/чки или врсници. Ваквите ситуации за некои млади луѓе преставуваат секојдневие и тие се изложени на вознемирување од страна на своите врсници. Ова пак ги прави младите луѓе ранливи. Наместо да созреваат и растат во средина која ќе ги подржува во остварување на себеси, тие се борат со стигмата, отфрлањето, прекорите, притисоците, вознемирувањето од средината, семејството, врсниците, училиштата – тие се трошат во срамот и скривањето.
Игнорирањето на хомофобијата, не придонесува за менување на состојбите, туку напротив тоа влијае на нивното влошување. Нереагирањето на хомофобичните изјави, на кои понекогаш се гледа само со потсмев, остава простор таквите вознемирувачки изјави и акции да продолжат, но и да се влошат. Нереагирањето и несправувањето со хомофобијата директно влијае на младите луѓе кои се ЛГБТИК, тие не можат да ги остварат своите права на слободно изразување и слободно живеење или пак да добијат соодветна здравствена услуга. Едноставно младите ЛГБТИК луѓе се спречени да ги остваруваат своите основни човекови слободи и права.
Токму поради тоа младите волонтери од ХЕРА го продуцираат филмот “Не ја дискриминирај љубовта“. Преку овој краток едно минутен филм младите волонтери сакаат да ја пренесат пораката за почитување на младите ЛГБТИК луѓе и соочување со хомофобијата. Преку овие движечки слики младите волонтери ја праќаат пораката дека без апсолутно почитување на правата на сите, вклучително и младите ЛГБТИК луѓе, не е можно да градиме отворено и демократско општество. Поради тоа потребно е да се справиме со хомофобијата, таа повеќе да не биде дел од нашето секојдневие, потребно е да се соочиме со стереотипите и табуата, а кои многу често испречуваат пред нас заради неинформираноста.
И да хомофобијата е тука, не треба да ги затвораме очите пред нејзе.
Присутната хомофобија во секојдневието на младите не се отстранува лесно. Особено ако за неа нема ништо во учебниците на основците и средношколците, особено ако се уште стручната јавност ја нема во дебата за правата на ЛГБТК, ако во јавниот и државничкиот говор за ЛГБТК луѓето се зборува како за нездрави и неприродни.
Затоа ни треба:
• Пораки од политичари и јавни личности кои ги прифаќаат младите ЛГБТК како еднакви во општеството.
• Бараме казни за оние кои шират говор на омраза и повикуваат на насилство.
• Ни треба сексуално образование и обучен стручен кадар.
• Ни треба активна и неисплашена стручна јавност да ги разбие митовите и предрасудите за ЛГБТК.
Заедно за подобар свет, со еднакви права за сите!