На 17 март 2014, во Домот на културата „Кочо Рацин“, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување-ХЕРА заедно со РЦПЛИП Порака, одржаа прес конференција за одбележување на Недела на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост.
Свое обраќање на прес конференцијата имаа, Цветанка Иванова- Претседателка на Комисија за труд и социјална политика во собранискиот состав 2011-2014, Душко Миновски- Државен советник во Министерство за труд и социјална политика и Претседател на Комисија за заштита од дискриминација, и Владо Крстовски- координатор на дневни центри на РЦПЛИП Порака.
Весна Матевска – програмски координатор на ХЕРА истакна дека преку активностите на терен за лицата со попреченост се уште преовладуваат убедувањата дека: “се асексуални”, “не треба и не можат да градат врски”, “секогаш некој треба да се грижи за нив”, “немаат потреба за едукација и грижа за репродуктивното здравје затоа што не се сексуално активни”. Овие перцепции не одговараат со реалноста и придонесуваат кон стигма и дискриминација на лицата, како од општеството, така и од семејствата. Сето ова влијае на најголемиот проблем а тоа е здравствената заштита на лицата со попреченост.
Така, лицата со попреченост се три пати почесто жртви на сексуална злоупотреба, иако често пати истата не ја пријавуваат. Се уште голем дел од здравствените институции и ординации не се пристапни за лица со попреченост и технички не се подготвени за работа со овие граѓани.
Затоа денес апелираме до:
1. Министерство за труд и социјална политика и Министерство за образование и наука, да го зголеми обемот на едукации за сексуалност и репродуктивно здравје за лицата со попреченост, и нивните семејства со што ќе допринесеме за зајакнување на лицата и превенција од сексуална злоупотреба;
2. Министерство за здравство, за обезбедување на пристапни и достапни здравствени услуги со кои ќе се овозможи пристап до сите услуги кои се предвидени во Програмите за рана детекција на малигни заболувања во РМ и Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Македонија.
Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост има за цел да се зголеми свесноста овие права и грижа за репродуктивното здравје на лицата со попреченост, впрочем тие се посочени во Конвенцијата за заштита на правата на лицата со попреченост која е ратификувана од страна на Македонија на 5 декември 2011 година.
Активностите во рамки на оваа недела започнуваат денес со изложбата на фотографии од инцијативата „Девојките одлучуваат“, а ќе се одвиваат се до 21 март. Изложбата е дел од Иницијативата на МФПР (Меѓународната Федерација за Планирано Родителство) и весникот Гардијан, а фотографиите се дел од сторијата во Македонија, подготвена заедно со Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака – Скопје и со Државниот дневен центар за лица со попреченост од Гостивар. Програмата на Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост е во прилог на овој документ.
ХЕРА изразува голема благодарност за поддршката и интересот во спроведување на активностите за едукација за сексуално и репродуктивно здравје и права до родителите на лицата со попреченост и Дневните центри за лица со попреченост кои се дел од овие активности и со кои соработуваме од 2010.