Денес на 20 декември се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. На овој ден, кај нас, но и насекаде низ светот, се праќаат пораки за важноста на остварувањето на човековите права, но и се погледнува наназад на сè случувало во изминатата година.
Ние како млади волонтери и активисти во ХЕРА, во нашите секојдневни активности и иницијативи неуморно работиме на поголемо афирмирање, но и остварување на сексуалните права. Сексуалните права се човекови права кои се однесуваат на човековата сексуалност. Корпусот на човекови права не може да биде целоно остварен без едновремено почитување на сите права, вклучувајќи ги и оние кои што се однесуваат на сексуалноста.
Годината која изминува, во Македонија беше одбележана со многу настани кои што нè потсетија дека сексуалните права се наше секојдневие и тие мора да се почитуваат и остваруваат.
Оваа година, можеби како никогаш претходно ја одбележаа настани кои беа резултата на хомофобичната атмосфера во нашето општество. Говорот на омраза кон лицата со различна сексуална ориентација и родов идентитет, лезбијки, геј, бисексулци, трансродови и интерсексуални, беше сè присутен. Но, во таква атмосфера хомофобијата не остана само некаде кажана или напишана. Хомофобијата роди и насилство кон оваа заедница, ЛГБТИ лицата во повеќе наврати беа предмет на физички напади. Целата таа хомофобична атмосфера беше пренесена и во највисокиот законодавен дом, преку расправата за уставни измени и дефинирање на бракот. Одговорот на државните институции кон оваа ситуација беше еден – молк. Но молкот, не менува ништо, туку само го продлабочува проблемот и го легитимира насилството.
А, под превезето на наводно зачувување на здравјето на жените, оваа лето во Собранието на Република Македонија, беше донесен новиот закон за прекинување на бременоста. Законот кој што директно влијае врз животот и здравјето на девојките и жените, без никакво објаснување беше поднесен во законодавниот дом по итна постапка. Пораката беше повеќе од јасна, од некој во оваа држава правата може да бидат ограничени за само неколку дена, а што е „најдобро“ за жените ќе определи државата. Овој закон беше донесен, телесниот интегритет на жените ограничен, а како резултат девојките и жените кои што имаат потреба од оваа медицинска интеревенција се жигосуваат преку втурнување во админстративни лавиринти. Сето ова дополнето со владини реклами кои чинат милиони, девојките уште повеќе се стигматизираат, единствено поради тоа што донеле одлука за своето сопствено тело. А вистинкото планирање на семејството е исто така недостапно, затоа што за најголемиот дел од граѓаните од контрацептивните средства сè сеуште скапи, а држвата не ги овозможува преку државниот буџет.
На младите во Македонија им е потребно сеопфатно образование кое што пред сè ќе им ги пренесе вредностите базирани на човекови права, вредности кои што ќе им помогне да имаат отворени и толерантни ставови, образование кои што ќе ги понуди вистинските и научно базирани информации. Иницијативата за сеопфатно сексуално образование беше отфрлена без вистински аргументи. Младите во Македонија повторно остануваат без релевантни и целосни информации за сопственото тело, сексуалноста и здравјето.
Секојдневните примери на ограничувања, јавното охрабрување на кршење на човековите права поврзани со сексуалниот и репродуктивниот живот и затворање на сите аргументирани дебати нема да нè обесхрабрат во нашата работа како млади луѓе. Некаде ќе продолжиме, некаде ќе почнеме од почеток, но сепак таа работа и понатаму се однесува на градење на општество кое се заснова на еднаквост за сите, во кое младите имаат можност да се информираат за се што ги интересира и имаат право и слобода да донесуваат самостојни одлуки.