Под глобалното мото Разобличи ги митовите – Бори се против стигмата и дискриминацијата поврзана со абортус, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување заедно со останатите членки на Платформата за родова еднаквост, им се придружува на бројни организации од целиот свет во промоцијата на барањето за пристап до безбеден и легален абортус за секоја жена. Националната конференција има за цел да го отвори прашањето: Дали ограничувањата од Законот за прекин на бременоста (обврска за бремената жена да поднесе писмено барање за прекин на бременоста, задолжително советување и период на чекање од три дена по советувањето) влијаат кон подобрување на квалитетот на услугите за прекин на бременост или пак, создаваат законски пречки за пристап до легален и безбеден абортус? За таа цел, претставнички и претставници на клучни институции, невладини организации и политички партии ќе зборуваат за примената на Законот за прекин на бременоста во пракса и за тоа како политичките партии гледаат на прашањето за абортус и кои чекори треба да се преземат во иднина за да се подобри пристапот до безбеден абортус за жените во Македонија. Националната Конференција „Законските ограничувања – безбеден и легален абортус“ ќе се одржи на 28 септември (понеделник) во Хотел Холидеј Ин со почеток од 10.00 часот.
#УрниТоаМитовите