Во услови на општествени промени и обиди да се подобри состојбата на граѓаните, граѓанските здруженија во Македонија започнаа да размислуваат како да ги зајакнат заедниците со осовременување на старите концепти, прилагодени на потребите што ги наметнува денешницата. Уште пред една деценија неколку невладини организации започнаа работно да ангажираат луѓе од маргинализираните групи со цел да ги интегрираат во општеството. Токму тука се прават првите чекори во креирање на социјалните претпријатија од страна на невладините организации во Република Северна Македонија.
Невладините организации и понатаму водат широки дискусии за уредување на социјалното претприемништво. Дебатите не ги заобиколуваат владините институции ниту локалните самоуправи. Постепено се развива системски пристап за да може најпосле да се одговори на прашањето: Што со социјалното претприемништво?
ХЕРА се залага за поставување јасни критериуми за социјалните претпријатија за да може прецизно да се развиваат елементите на екосистемот потребен за нивниот развој. Низ работата, особено преку раководење на сопственото социјално претпријатие „Нега Плус“, ХЕРА ја препозна потребата од дополнителна поддршка и соработка од страна на јавните и државни институции со цел да се споделат знаења, искуства, но и експертиза во бизнис-планирањето и раководењето на едно социјално претпријатие.
Токму затоа, во текот на 2020 година, ХЕРА оствари соработка со Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонијa (АППРСМ), која е државна институција основана со цел спроведување на владините политики за малите и средни претпријатија и други сродни проекти/програми донесени од страна на Владата за поддршка на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста.
Со цел да ги зајакне капацитетите на АППРСМ, во текот на соработката ХЕРА изработи Процена на капацитетите и потребите на АППРСМ во однос на социјалното претприемништво, спроведе обуки за вработените во Агенцијата и за нејзината менторска мрежа поврзани со екосистемот за социјалното претприемништво и моделите на социјални претпријатија и изготви Прирачник за АППРСМ согласно потребите на Агенцијата. Прирачникот дава увид во потребата од социјалните претпријатија и нивната улога во социо-економските реформи.
Повеќе за целите на проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија за развој на социјалното претприемништво“ можете да дознаете во инфо-листот додека, пак, весникот дава преглед на сработеното. Проектот се спроведе со поддршка од Владата на Република Северна Македонија.