На 2 декември, на својата 77-та сесија, Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените при Организацијата на обединетите нации (ООН) утврди повреда на правото на еднаков третман и дискриминација кај две жени од Шуто Оризари на кои им било оневозможено да добијат гинеколошки услуги. По петгодишна битка, ООН ја утврди неправдата и даде низа препораки за државата за структурни промени и искоренување на штетните практики во пристапот до гинеколошките услуги на Ромките.
Поточно, Комитетот утврди повреда на правата на двете Ромки загарантирани согласно членовите 1, 2 и 12 од Конвенцијата, односно повреда на правата и дискриминација во пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Со оваа одлука Комитетот укажува дека државата не обезбедила а) практична реализација на принципот на недискриминација во пристапот до услуги за репродуктивно здравје, б) ефективна заштита од дискриминација на жени во рамки на судскиот систем и в) соодветни мерки за да ја елиминира дискриминацијата врз овие жени сторена од страна на инволвираните лица, односно приватната гинеколошка ординација.
Ова е прва ваква одлука на ООН со која се утврдува нееднаков пристап и дискриминација од страна на гинеколог во Македонија, по основ на етничката припадност.
Интегралниот текст на одлуката е достапен на македонски јазик на следниот линк.