Невработеноста на жената Ромка е долгогодишен проблем во нашето општество и нашата држава. Ова го потврдуваат и податоците според кои само 4 Ромки се вработени на раководни позиции во јавните институции, а на нераководни позиции тие се застапени со само 0,47 % од вкупниот број на вработени. Од вкупно 7647 лица кои ги користеле активните мерки и услуги за вработување во текот на 2019 година на национално ниво, само 169 се Ромки.
Ова се дел од податоците до кои Групата за застапување за еднакви можности при вработување дојде во текот на 2020 година истражувајќи го прашањето и застапувајќи пред клучните институции и кои ги претстави на денешната конференција за печат. Групата е составена од Ромки активистки и е формирана во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, кој го имплементира ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка од шведската фондација „Квина тил Квина“.
Групата за застапување подготви и Извештај за состојбата на Ромките на пазарот на трудот кој опфаќа поглавја за застапеноста на Ромките во јавните институции, за искористеноста на мерките и програмите за вработување од страна на Ромките, но и за институционалната подготвеност и поддршка за имплементација на стратегиските документи за инклузија на Роми во државата.
Анализата на податоците од Националниот оперативен план за вработување во врска со стапката на невработеност на национално ниво и на ниво на Град Скопје, како и со стапката на невработеност кај Ромите и Ромките во однос на другите националности покажа и дека:
- Дури 9,1 % од сите регистрирани невработени лица се Роми;
- Од нив, најголемиот дел (13,27%) се на возраст од 40 до 44 години;
- Од вкупниот број на регистрирани невработени Ромки на национално ниво, дури 94,08 % се без образование или само основно образование;
- Од 142 мониторирани институции на национално ниво, само 4 Ромки се вработени на раководни позиции;
- Само 0,47 % од вработените Ромки во јавните институции што се мониторираа, се на нераководни работни места.
Ваквите фрапантни наоди укажуваат дека само со системски решенија може да се унапреди социо-економската положба на Ромките во нашата држава. Токму затоа, Групата за застапување препорачува:
- Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија да започне процес на креирање соодветни мерки за вработување или адаптирање на постоечките во согласност со моменталната состојба и потреби на Ромките, кој ќе се заснова на податоците и предлозите кои произлегуваат од самата заедница;
- Да се стави фокус на докомплетирање на образованието и на нудење специфични обуки за Ромките со цел да се оспособат и да стекнат квалификации за побаруваните занимања;
- Да се вработуваат жени Ромки на клучни раководни позиции заради можноста да креираат и предлагаат решенија во согласност со спецификите на оваа целна група, особено во областа на вработувањето.
Апелираме до надлежните институции да ги земат овие препораки предвид при креирањето на следните мерки од Оперативниот план за вработување за да се овозможи еднаков пристап до вработување за Ромките и така да се намали родовиот јаз. Деталниот извештај ќе биде достапен на интернет-страницата на ХЕРА.
Лице за контакт:
Сибела Мамудоска | 077 675 725 | mamudoskasibela@gmail.com