СЕОПФАТНО СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ

Сексуалното и репродуктивно здравје и права се табу како дома, така и во училиште. Во нашето формално образование само 13% од учениците учеле за кондом, а едвај 2% за орална контрацепција. Најчеста причина за лошата здравствена состојба кај младите е неинформираноста, особено за нивното  сексуално и репродуктивно здравје. Училиштето е клучно за развојот и информирањето на младите, а со тоа и вистинското место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје. Недостигот на соодветни информации е една од главните причини и за дискриминацијата, насилството, омразата и силеџиство во училишната средина. Токму затоа уште од 2009 година ХЕРА застапува сеопфатното сексуално образование (ССО) да биде дел од наставната програма во основните и средните училишта. 

По спроведувањето на истражувањето за можностите за информираност на учениците од областа на репродуктивното здравје и неговата заштита во училиштата кое потврди дека за љубовта не треба да се зборува само после часови, во 2011 година се усвои Рамка за сеопфатно сексуално образование по што изготвивме и Прирачник за наставници во основните училишта за теми од СРЗП. Препораката за пилотирање на ССО во училиштата остана само на хартија, па заедно со уште 47 граѓански организации потпишавме Декларација за сеопфатно сексуално образование, а во предизборието во 2016 година 10 политички партии ни ветија поддршка во унапредувањето на овие теми во формалното образование. 

Некој мора(ше) да ги одговори прашањата што им поминуваат на младите низ глава, па во 2015 година развивме програма за неформално ССО која се состои од седум компоненти: род, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, СПИ и контрацепција), граѓански аспекти, задоволство, врски и односи, насилство и различност. Оттогаш ја спроведуваат нашите акредитирани врснички едукатори и заедно со своите врсници учат сè што треба да се знае за ССО – од А до Ш.

Во 2018 година се формираше работна група во Бирото за развој на образованието за подготовка на модели за пилотирање на ССО во формалното образование. По одлуката на Владата на РСМ за пилотирање на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет во четири основни училишта во 9-то одделение, во декември 2019 година, заедно со Бирото за развој на образованието, ги обучивме и првите 15 наставници кои од септември 2021 година ќе го пилотираат ССО во нивните училишта. И плус, ја стокмивме првата веб-страница за ССО кај нас.

Повеќе: