Скопје, 25 ноември 2026 година – На самиот старт на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, ХЕРА Mлади алармираат дека институционалната негрижа во Северна Македонија чини човечки животи. Пред точно една година гласно предупредивме и јасно побаравме 365 дена институционална одговорност наместо 16 дена симболика! Една година подоцна, не само што ништо не е подобрено, туку состојбата е драстично влошена – седум жени се убиени во 2026 година како жртви на фемицид.
Убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци е најсвежиот и најболен доказ дека жените и девојките во земјава, дури и малолетни можат да го загубат животот дури и кога ќе соберат храброст да пријават насилство. Овој случај не смее да заврши како тридневна вест на социјалните мрежи. Тој мора да биде пресвртница и повод за детална истрага за секој пропуст на институциите. Одговорност мора да има.
Официјалните податоци покажуваат дека само од јануари до септември 2026 година се регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство (со 1.144 жени жртви) и 3.869 поплаки (со 2.567 жени жртви). Од вкупно 1.388 пријавени сторители, дури 1.278 се мажи. Но, охрабрувањето на жените да пријават нема никаква смисла ако зад шалтерите ги чека бавен и неодговорен систем. Пријавата не е заштита. Мерките изречени само на хартија не спасуваат животи, а жените не смеат да бидат оставени сами да ја докажуваат својата загрозеност од врата до врата. Додека јазот меѓу пишаните закони и реалноста на терен се продлабочува, остануваме повторно и повторно без специјализирани сервиси, засолништа, бесплатна правна и психосоцијална помош, заштитата останува недостижна, особено за жените од руралните средини, Ромките, жените со попреченост и оние во сиромаштија. Истовремено, без враќање на сеопфатното сексуално образование, општеството ја губи битката со превенцијата уште во училишните клупи.
Што бараме веднаш? – Бараме заштита денес, а не правда по смртта!
Не бараме привилегии, туку основни услови за да можеме да живееме, да се движиме, да учиме и да ја планираме нашата иднина без страв од насилство!
Неприфатливо е да мораме постојано да внимаваме како се облекуваме, по кој пат се движиме, со кого комуницираме и во колку часот се враќаме дома за да се чувствуваме безбедно!
Неприфатливо е и пријавувањето насилство да значи почеток на нова борба со институциите, наместо пристап до заштита!
Сакаме да живееме во држава во која институциите ќе нè слушаат, ќе им веруваат на жртвите и ќе реагираат навреме, наместо да чекаат насилството да ескалира. Бараме сторителите да сносат соодветна одговорност и да бидат соодветно санкционирани, вклучително и за дигиталното и сексуалното насилство, одмаздничката порнографија, заканите и уцените со објавување интимни содржини. Бараме достапна, бесплатна и доверлива психолошка, правна и психосоцијална поддршка за секоја жртва, без разлика на нејзиното место на живеење или социјалниот статус. Сакаме безбедни и осветлени улици, паркови и јавни површини, како и сигурен и достапен јавен превоз, особено во ноќните часови. Бараме училишта и факултети во кои сексуалното, родовото и врсничкото насилство нема да се премолчуваат, туку ќе постојат јасни механизми за пријавување, поддршка и заштита, без страв од осуда или одмазда. Бараме враќање на сеопфатното сексуално образование и континуирана едукација за родова еднаквост, но и сериозна стручна работа со момчињата и мажите кои покажуваат насилно и контролирачко однесување, затоа што превенцијата мора да ги опфати и оние кои го вршат насилството.
Бараме едноставна, но суштинска работа: да можеме да излеземе навечер без страв, да ги користиме социјалните мрежи без да бидеме мета на закани, уцени и понижување, да одиме на училиште и факултет без страв од вознемирување и да знаеме дека, доколку пријавиме насилство, системот навистина ќе нè заштити. Не сакаме повеќе да живееме во постојана претпазливост и страв, ниту безбедноста да зависи од тоа колку гласно ќе повикаме за помош. Сакаме да живееме во општество во кое секоја од нас ќе може слободно да одлучува за својот живот, да се движи без страв и да ја планира својата иднина. Безбедноста не смее да биде привилегија, туку загарантирано право.
Оваа година нема потреба од нови кампањи за „подигање на свеста“. Јавноста знае, жените пријавуваат, а граѓанскиот сектор со години ги нуди решенијата. Она што недостига е држава што знае да заштити.
Не ни требаат уште 16 дена ветувања. Ни требаат 365 дена институционална одговорност.
