Советувањето за абортус што е пристрасно, субјективно, засновано врз религиозни догми наместо врз научни факти и дадено со единствена цел да се одврати бремената жена од прекинувањето на бременоста, претставува груба повреда на нејзиниот интегритет и ја нарушува секуларноста на државата.
На 14 јануари 2018 година, на интернет-порталот НОВА ТВ беше објавена веста: „Трудници: Новиот гинеколог од Шуто Оризари наплаќа незаконски“. Во текстот се наведува: „Во разговор со докторката Вјолце дознавме дека и активно работи на тоа да им влијае на жените да не одат да абортираат бидејќи, како што рече, тоа се коси со нејзините религиозни убедувања. Таа смета дека така е правилно, а правото на избор се коси со религиозните убедувања: Доаѓаат жени кои сакаат да абортираат, сиромашни се или веќе во години кога имаат внучиња. Ние им кажуваме дека не смеат тоа да го прават и веќе 3-4 жени се предомислија и ги задржаа децата.“
Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување најостро го осудува секое советување за абортус кое е пристрасно, субјективно, засновано врз религиозни догми наместо врз научни факти и со единствена цел да ја одврати бремената жена од прекинувањето на бременоста. Светската здравствена организација нагласува дека советувањето за прекинување на бременоста треба да биде доброволно и незадолжително. Советувањето* мора да биде на начин што го олеснува изборот, го почитува достоинството на жената и ги зема предвид нејзините потреби и перспективи. Секој обид за одвраќање и вршење влијание врз личните одлуки на жените претставува груба повреда на нивниот интегритет, што е основно обележје на човекот. Согласно Уставот** на Република Македонија, одлучувањето за создавање деца е основно човеково право.
Предностите и ризиците што ги носи бременоста се условени и од личната, емоционалната, социјалната и културната положба на бремената жена во дадениот момент. Оттука, какво било пристрасно советување претставува директен упад во приватноста на жената, што понатаму може да има сериозни последици за нејзиното ментално здравје или социјалната состојба доколку одлуката е присилна, а не лична. Дополнително, здравствените дејности се јавни дејности и секое промовирање на религиски гледишта од страна на здравствените работници во професионалното работење претставува нарушување на секуларноста како основно уставно начело.
На крај, апелираме до гинеколозите и до сите здравствени работници на сите нивоа на здравствената заштита да нудат објективни информации согласно медицината заснована на докази и да се воздржат од наметнување субјективни ставови базирани на религиозни догми и пропаганда со цел ја премислат бремената жена или да влијаат врз нејзината лична одлука. Тие треба да ја информираат жената како се спроведува абортусот и каква здравствена грижа ѝ следува доколку треба да се справи со можните несакани ефекти од интервенцијата, согласно клиничките протоколи, но и за модерната контрацепција со цел заштита од несакана бременост во иднина.
Во услови кога Законот за прекинување на бременоста, донесен во 2013 година, сè уште е рестриктивен, огромна е одговорноста на здравствените работници да постапуваат професионално и да не им поставуваат дополнителни пречки на жените при остварувањето на правото на личен избор.
*Безбеден абортус: техничко и упатство за политиките за здравствените системи
**Член 41 од Уставот на Република Македонија