Изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, дадена на 22 јануари 2019 година во емисијата „Топ Тема на ваша страна“ и официјално ги потврди нашите сомнежи и стравувања дека блокадата на усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во Собранието е токму поради негрижата за унапредувањето на човековите права на сите граѓани, меѓу кои и на ЛГБТИ луѓето. Со изјавата се потврди перцепцијата дека и покрај смената на власта во јуни 2017 година не се променија политиките ниту ставовите на институциите кон ЛГБТИ луѓето.
Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој уште од мај 2018 година е во процедура во Собранието, сѐ уште нема поминато кај Комисијата за труд и социјална политика, како матична комисија за овој закон. Усвојувањето на законот во Комисијата за труд и социјална политика упорно се одложува од страна на претседавачот, претседателот Влатко Ѓорчев, додека други закони, подготвени подоцна, поминуваат на Комисијата. Пратениците од опозицијата, но и пратениците на ДУИ во Комисијата гласаа против тоа предлог-законот да биде прва точка на дневниот ред.
Додека го блокираат донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, пратениците немаа проблем за гласаат „за“ донесување на измените на Кривичниот закон со кој изречно се овозможи заштита од дела од омраза со експлицитно споменување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија и амандман за да во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се внесат сексуалната ориентација и родовиот идентитет во основите за заштита од говор на омраза во медиумите, што доби поддршка и од ДУИ. Затоа сметаме дека се небулозни тврдењата дека електоратот не е спремен да ги прифати сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законот. Нејсе, останува нејасно зошто на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ им пречат овие основи во еден закон, но не и во други закони.
Законот за спречување и заштита од дискриминација не е закон за ЛГБТ заедницата, туку сеопфатно законско решение кое настојува да изгради ефикасен систем за спречување и заштита од дискриминација за сите граѓани, вклучително и ефикасна заштита од дискриминација врз основа на етникум за граѓаните Албанци.
Особено сме загрижени што ваквата изјава доаѓа од вицепремиерот Османи, во чиј мандат е евроинтеграцијата. Наместо да биде промотор на демократизацијата, владеењето на правото и заштитата на темелните човекови права, тој, за жал, станува промотор на негативните стереотипи и предрасуди кон ЛГБТИ луѓето. Македонија има обврска да ги внесе сексуалната ориентација и родовиот идентитет во законот, што е досега нотирано и во секој извештај на Европската комисија за Македонија. Со ова, само може да констатираме дека единствено спорно е заложбата на ДУИ да ја европеизира Македонија.
Изјава на вицепремиерот Бујар Османи:
„Имa одредени разлики помеѓу политичките партии по однос на одредени категории коишто треба да бидат вклучени во законот, се разговара со политичките партии бидејќи сѐ уште постојат веројатно предрасуди и кај политичките партии или, пак, тие мислат дека постојат предрасуди кај електоратот што го претставуваат, па дали тоа може да се рефлектира врз нив, меѓутоа сметам дека со дијалог ќе успееме да ги вклучиме сите категории бидејќи тоа се вредностите коишто Европската унија…”.
На прашањето кои граѓани спаѓаат во тие категории, неговиот одговор гласи: „Па зборувам и за ЛГБТИ заедницата, но зборувам и за други спорни категории на кои не можам да се сетам во моментот.”
Лица за контакт:
Драгана Дрндаревска (078/200 675, dragana.coalition@gmail.com)
Јована Јовановска Кануркова (071/888 167, jovana.jovanovska@mhc.org.mk)