ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување отвора повик за прибирање понуди за изработка и дизајн на тријазична веб-страница којашто ќе биде официјалната веб-страница на самата организација, како и за обезбедување домен и хостинг на веб-страницата во период од три години по нејзиното започнување со работа.
Ве покануваме да ни ги доставите вашите понуди најдоцна до 10.02.2019 година до 16.00 часот по електронски пат на konkurs@hera.org.mk и по пошта нa: ХЕРА, ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје.
Во делот на техничките спецификации се обезбедени информации и детали за поедноставно осмислување на понудите.
Инструкции за понудувачите
1. Договорен орган
Договорен орган е ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со адреса на ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје, телефон за контакт 02/2390 395, факс 02/2556 002.
Лице за контакт кај договорниот орган е Андријана Папиќ Манчева (телефон: 02/3290 395 (лок. 102), електронска адреса: andrijana.papic@hera.org.mk).
2. Предмет на договорите за набавка
Предмет на договорот за набавка е изработка и дизајн на тријазична веб-страница којашто ќе биде официјалната веб-страница на организацијата, како и обезбедување на домен и хостинг на веб-страницата во период од три години по нејзиното започнување со работа.
Детален опис на предметот на договорот е даден во техничките спецификации во прилог на оваа документација.
3. Начин на испорака/ извршување на услугата
Носителот на набавката е должен предметот на договорот да го испорача на поштенската адреса ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје и по електронски пат на konkurs@hera.org.mk
4. Рок на испорака/ за извршување на услугата
Носителот на набавката е должен да го испорача предметот на договорот до 10.04.2019 година и да го обезбеди неговото целосно функционирање најдоцна до 30.04.2019 година.
5. Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по предавањето на готовиот продукт.
6. Право на учество
6.1. Право да достави понуда има секое заинтересирано правно и физичко лице – понудувач, кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.
6.2. Економскиот оператор во рамки на истата постапка за доделување на договор за набавка може да учествува само во една понуда за еден предмет од набавката. Сите понуди ќе бидат отфрлени ако економскиот оператор:
- учествува во повеќе од една самостојна и/или како член во групна понуда или
- учествува како подизведувач во друга самостојна и/или како член во групна понуда.
6.3. Лицата кои учествувале во изработка на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи или членови во група на понудувачи во постапката за доделување на договорите.
7. Критериуми за утврдување на способност на понудувачите
За да учествуваат во постапката за доделување на договорите, понудувачите мора да ги исполнуваат следниве критериуми за утврдување на нивната способност:
7.1. Лична состојба
- во последните 5 години, на понудувачот да не му била изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење пари;
- на понудувачот да не му е изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- на понудувачот да не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- понудувачот да не е во постапка за стечај или во постапка за ликвидација;
- понудувачот да нема неплатени даноци, придонеси или други давачки; освен ако на економскиот оператор му е одобрено одложено плаќање на даноците, придонесите или другите давачки во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќa;
- на понудувачот да не му е изречена прекршочна санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност, и
- понудувачот е должен да дава точни податоци и да ги доставува податоците што ги бара договорниот орган.
7.2. Способност за вршење на професионална дејност
Понудувачот треба да е регистриран како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка или да припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран.
7.3. Техничка или професионална способност
Критериуми за утврдување на техничката или професионалната способност на понудувачот се: креирање на веб-страници, портали, платформи во областа на здравството, социјалната заштита, како и работа на веб-страници на невладини организации.
8. Начин на докажување на способноста на понудувачот
Понудувачот го потврдува исполнувањето на критериумите за утврдување на личната состојба, професионалната дејност и професионалната способност со изјава која ја доставува во прилог (Прилог 2) на својата понуда и со поднесување на биографија на компанијата (Прилог 3).
9. Изготвување и поднесување на понудите
9.1. Понудата/ите се изготвува/ат во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска форма и печатена форма, со користење на обрасците дадени во прилог.
9.2. Елементи на понудата/ите
Секоја понуда треба да е составена од следниве елементи:
- Образец на понуда (Прилог 1)
- Документ за регистрирана дејност
- Изјава (Прилог 2)
- Биографија/портфолио на компанија со истакнати работни ангажмани за креирање на веб-страници, портали, како и работа на веб-страници на невладини организации (Прилог 3)
9.3. Јазик на понудата
Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат со понудувачот, се пишуваат на македонски јазик со користење на неговото кирилско писмо.
9.4. Период на важност на понудата/ите
Периодот на важност на секоја понуда ќе изнесува 30 работни денови од денот утврден како краен рок за поднесување на понудите/ на јавното отворање за чие времетраење понудата во сите нејзини елементи е обврзувачка за понудувачот.
9.5. Цена на понудата
Цената на понудата се пишува со бројки и букви.
9.06. Валута на понудата
Цената на понудата се изразува во денари.
10. Затворање и обележување на понудите
10.1. Понудувачот го приложува оригиналниот примерок во затворен внатрешен плик кој го содржи називот на понудувачот со целосна и точна адреса.
Внатрешниот плик се приложува во затворен надворешен плик кој:
- е адресиран на точната адреса на договорниот орган,
- во горниот лев агол стои ознака „НЕ ОТВОРАЈ“
„НЕ ОТВОРАЈ“
За оглас: Изработка на официјална веб-страница за ХЕРА ХЕРА |
10.2 Краен рок и место за поднесување на понудите
- Краен рок за поднесување на понудите е 10 февруари 2019 година до 16.00 часот.
Понудите се поднесуваат електронски на konkurs@hera.org.mk и по пошта на ХЕРА, ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, 1000 Скопје.
10.3. Понудата која е поднесена по истекот на крајниот рок за поднесување на понудите, нема да биде примена.
11. Критериум за доделување на договорот/ите
11.1 Критериум за доделување на договорот за набавка е економската поволност на понудата.
За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор чија понуда ќе биде оценета како економски најповолна, односно која ќе освои најголем број на бодови како збир на бодовите за секој елемент на критериумот економски најповолна понуда.
11.2 Како елементи на критериумот економски најповолна понуда за изработка и дизајн на тријазична веб-страница и обезбедување на домен и хостинг за три години ќе се земат:
- цената 60 бодови
- креативното решение (квалитет) 40 бодови
12. Информации од доверлив карактер
12.1. Договорниот орган ќе ги заштити информациите кои економскиот оператор ги има означено како доверливи, особено кога станува збор за деловна тајна или права од интелектуална сопственост, освен во случаите каде што по сила на закон договорниот орган е должен да ги достави овие информации до надлежните органи.
12.2. Доколку економскиот оператор не ја достави листата на доверливи информации заедно со својата понуда, договорниот орган ќе смета дека предметната понуда не содржи информации од доверлив карактер.
12.3. Цената на понудата не се смета за доверлива информација во ниту еден случај.
13. Известување за доделување на договорот/ите за набавка
13.1. По завршувањето на изборот до сите учесници автоматски се испраќа известување за економскиот оператор којшто поднел најповолна понуда во текот на негативното наддавање. Известувањето е од информативен карактер и не предизвикува правни последици.
13.2. Избраниот економски оператор ќе биде известен во електронска форма дека неговата понуда е прифатена, во рок од најмногу 3 дена од донесувањето на одлуката за избор на најповолната понуда. Во исто време, и сите други економски оператори ќе бидат известени за резултатите од тендерот, односно за одлуката кој е најповолниот економски оператор, како и за причините за неизбор на нивната понуда.
14. Технички спецификации
Предметот на набавката не е делив:
- Изработка и дизајн на тријазична веб-страница којашто ќе биде официјалната веб-страница на ХЕРА
- Обезбедување домен и хостинг на веб-страницата во период од три години по започнување со работа на веб-страницата
Изработка и дизајн на официјалната тријазична веб-страница на ХЕРА
Со цел заокружување на процесот на ребрендирање што ХЕРА го започна минатата година, предвидена е изработка и дизајн на нова тријазична веб-страница којашто ќе служи како официјална веб-страница на самата организација.
Веб-страницата ќе содржи податоци за самата организација, односно за нејзините програмски полиња на работа, зацртаните визија и мисија, како и за вработените и членовите на Управниот одбор. Преку оваа веб-страница ќе бидат достапни сите стратегиски документи, годишни извештаи и публикации издадени и објавени од 2013 година до денес. Покрај постојните информации и документи достапни на сегашната hera.org.mk, новата веб-страница ќе треба да содржи и мултимедијални содржини (фотографии, визуелни решенија и слично).
Оттука, изработката на новата веб-страница во голема мера ќе подразбира мигрирање на содржините од сегашната на новата веб-страница, каде што ќе бидат организирани поинаку, како и дополнување со материјали со мултимедијален карактер.
Како и сегашната, така и новата веб-страница ќе треба да биде тријазична, односно достапна на македонски, албански и англиски јазик.
Дизајнот на новата веб-страница треба да биде еноставен и впечатлив, а организацијата на содржините практична и логична. Новата веб-страница треба да биде пофункционална, да има попрегледно претставени содржини и поедноставено пребарување на најважните аспекти од работењето на организацијата.
Обезбедување на домен и хостинг на веб-страницата во период од три години по започнување со работа на веб-страницата
Веб-страницата ќе користи посебен назив на домен, а со цел нејзино непречено функционирање, потребно е обезбедување на хостинг за три години и https безбедносен сертификат. Името на доменот, хостингот за три години и безбедносниот сертификат се интегрален дел од предметот на набавката.
Временска рамка
Економскиот оператор треба да се води од следнава временска рамка:
ВРЕМЕНСКА РАМКА | ||
АКТИВНОСТ | МЕСЕЦ | |
Предлог-дизајн и функционалност на веб-страницата | 15 февруари – 25 февруари | |
Изработка и дизајн на веб-страницата | 1 март – 10 април | |
Целосна функционалност на веб-страницата со обезбеден домен, хостинг и безбедносен сертификат | 10 – 30 април | |
Буџет
Економскиот оператор треба да достави листа со поединечни цени наведени со и без ДДВ за секое одделно идејно решение понудено во соодветниот дел од предметот на набавка. Буџетот треба да се прикаже со и без ДДВ.