Реакција на Платформата за ХИВ
Министре Тодоров со аргументи, а не со етикети одговорете како ќе го надоместите скратениот буџет за ХИВ
Скопје, 19 октомври 2016
Како платформа од 15 граѓански организации и здруженија на пациенти кои опфаќаат 15 000 корисници на годишно ниво не можеме да разбереме зошто министерот за здравство Никола Тодоров наместо конкретни одговори, се служи единствено со етикети со кои сака да нѐ делегитимира.
Нашите аргументи повеќепати ги изнесовме во јавноста, и директно ги предочивме на претставниците на Министерството за здравство. Притоа, барањата за неопходниот буџет за ХИВ се темелат исклучиво на аргументи кои доаѓаат од пресметки и анализи кои не се наши, и зад нив стои токму Министерството за здравство:
Соопштение по повод протестот на Платформата за ХИВ (06.10.2016)
Реакција на соопштението на Министерството за здравство (07.10.2016)
Соопштение за јавност по протестниот перформанс пред Министерството за здравство (18.10.2016)
Затоа, од министерот Тодоров, уште еднаш, бараме одговори на следниве прашања:
- Која е причината поради која ги игнорирате анализите и пресметките зад кои стои Министерството за здравство и Светска банка, кои кажуваат дека со вака скратен буџет ќе има епидемија на ХИВ?
- Објаснете, како со буџет од 27 милиони денари ќе ги надоместите фондовите од меѓународната поддршка која завршува во јуни 2017 година?
- Ако не планирате да набавите лекови во 2017 година, објаснете како ќе спречите да се јави недостаток на лекови на крајот на следната година и првата половина на 2018 година, сè додека спроведете нов тендер за терапија во 2018?
Како носител на јавна функција, без исклучок, имате обврска отчетно, одговорно и со аргументи да ги образложите сите ваши одлуки кои го засегаат здравјето и животот на граѓаните.
Кога зборуваме за аргументи мислиме на факти, бројки, анализи, пресметки, студии од релевантни експерти и кредибилни институции.
Министре Тодоров, во име на вистината имајте доблест и во јавна дебата погледнете им во очи на пациентите и најзасегнатите и образложете ги вашите аргументи.