ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), објавува повик за избор на продукциска куќа која ќе изработи кампања за социјални медиуми за подигање на јавната свест за значењето и важноста на родовата еднаквост. Овој ангажман опфаќа развивање на сценарија за четири (4) видеа, план за нивна продукција и нивно изведување.
Ги покануваме заинтересираните продукциски куќи да ни достават понуди по електронски пат на konkurs@hera.org.mk најдоцна до 20 февруари 2024 година.
1. За активноста
Позадина
Родовата еднаквост значи еднакви права, одговорности и можности за жените и мажите, и девојчињата и момчињата. Еднаквоста значи дека правата, одговорностите и можностите на жените и мажите нема да зависат од тоа дали се родиле како женско или како машко. Еднаквоста на жените и мажите се смета за прашање од областа на човековите права, но и предуслов и показател за одржлив развој и демократија во чиј центар е човекот.
Во Република Северна Македонија, повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се ниту вработени, ниту регистрирани во Агенцијата за вработување; 62 % од нив не барат работа поради тоа што се грижат за семејството. Жените извршуваат 72 % од неплатената работа поврзана со грижа за домот, децата, возрасните лица и лицата на кои им е потребна поддршка. Дополнително, повеќе од половина од времето што жените го посветуваат на работа е неплатено, а и нивната платена работа е помалку вреднувана. Жените со високо образование заработуваат 22 % помалку од мажите со високо образование. Иако во просек жените се пообразовани од мажите, мажите се мнозинство од работодавците (78 %) и самовработените (82 %), додека повеќе од половина од неплатените семејни работници се жени (68 %).
Изминатите години низа донесени закони, подзаконски акти и ратификувани меѓународни документи сведочат за успех во унапредувањето на родовата еднаквост во нашата земја. Тоа значи промоција и уживање на човековите права на секој во нашата земја, инклузивност и уважување на сечии потреби и добросостојба и градење на безбедни простори за дискусија на овие теми заради подобро заедничко разбирање и прифаќање. Во согласност со законската регулатива и усвоените политики, во земјата се спроведуваат и низа мерки кои доведуваат до омоќување на жените и девојките, односно зголемување на можностите за жените и девојките заради постигнување родова еднаквост. Промовирањето на позитивните практики овозможува развој на позитивен дијалог за прашањата на родовата еднаквост кој води кон нејзино унапредување.
Општа цел на активноста
Да се подигне свеста за значењето на родовата еднаквост и да се предизвика позитивно влијание врз ставот на јавноста кон прашањата поврзани со постигнување родова еднаквост, како придонес кон инклузивно и правично општество.
Специфични цели
– Да се креираат содржини кои придонесуваат за подигнување на јавната свест за родовата еднаквост во едно инклузивно и правично општество;
– Зголемено разбирање и прифаќање на родовата еднаквост во просторот на социјалните медиуми и промовирање на еднаквоста.
Целна група на активноста
– Главна целна група се општата јавност, жените и девојките од различни групи.
2. Предмет на договорот за ангажман
Предметот на договорот не е делив и за него ќе биде склучен посебен договор за ангажман.
Предметот на договорот за ангажман вклучува:
А) Развиен план за продукција на видеокампања на социјалните мрежи за промоција на родовата еднаквост (4 видеа);
Б) Развој на сценарио за предвидените 4 видеа од видеокампањата, коишто ќе претстават 4 афирмативни и/или утопистички приказни и/или искуства на жени и девојки кои припаѓаат на различни општествени групи и 1 најавна или одјавна шпица која го содржи носечкиот слоган на кампањата. Избраните предложени сценарија, во соработка со ангажирани експерти за родова еднаквост и координатор за комуникации, ќе бидат доработени, пред нивната продукција.
В) Продукција на 4 видеа од видеокампањата, која вклучува изведување на сценаријата од страна на продукциската куќа во видеозаписи, прилагодени на форматот, должината и алгоритмите претпочитани на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм; и
Г) Продукција на 1 заедничка најавна или одјавна шпица за целата видеокампања, повторлива во четирите видеа, која го носи клучниот слоган на кампањата креиран во рамки на проектот чија активност е и кампањата.
Рокот за доставување на финалните продукти е 15 март 2024 година.
3. Критериуми за учество и утврдување на способноста на понудувачите
Право да достави понуда има секое заинтересирано домашно правно лице – понудувач кое е регистрирано за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка.
4. Место на изведување на активноста
Ангажманот и сите обврски што произлегуваат од него ќе се спроведуваат надвор од канцелариите на ХЕРА.
5. Начин на плаќање
Плаќањето ќе се изврши по целосна реализација на обврските што произлегуваат од предметот на договорот за набавка.
6. Краен рок за спроведување на активноста
Оваа активност понудувачот е должен да ја спроведе во периодот од 21 февруари 2024 до 31 март 2024 година.
7. Изготвување и поднесување на понудите
7.1. Понудата се изготвува во согласност со условите предвидени во тендерската документација во електронска форма.
7.2. Најдоцна до 20 февруари 2024 година сите заинтересирани понудувачи треба да обезбедат и достават:
– кратка биографија со референтна листа на претходни слични ангажмани (Прилог 1);
– изјава (Прилог 2);
– предлог-план за продукција на предвидените 4 видеа и 1 најавна или одјавна шпица; и
– предлог-сценарија за реализација на 4 видеа и 1 најавна или одјавна шпица;
– финансиска понуда за реализација на ангажманот (Прилог 3).
7.3. Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат се пишуваат на македонски јазик и на кирилско писмо.
8. Начин на избор
8.1. Во согласност со одредбите на договорот на проектот поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), ХЕРА објавува повик за ангажман на продукциска куќа.
8.2. При изборот на правниот субјект ќе се земат предвид следниве критериуми:
– работното искуство во продукцијата на кампањи;
– референтна листа на претходни слични ангажмани (најмалку 3 ангажмани);
– сензибилноста и разбирањето на тематиката, опипливи преку предлог-сценарија за реализација на четири (4) видеа и носечкиот слоган застапен во најавната или одјавна шпица;
– остварливоста на предлог-планот за динамика на реализација на продукција на кампања;
– финансиска понуда.
За предност ќе се смета искуството на субјектите со продукција на кампањи за социјални мрежи во областа на родовата еднаквост, социјалната инклузија и/или човековите права.
8.3. Критериумите за избор ќе бидат оценувани на следен начин:
– работно искуство и референци – 30 поени
– предлог-сценарија – 40
– предлог-план за динамика – 15
– финансиска понуда – 15
8.4. Сите понудувачи ќе бидат известени за резултатите од објавениот повик за прибирање понуди по електронски пат, најдоцна 5 дена по затворањето на конкурсот.
8.5. Документите со назнака/предмет на пораката Повик за ангажман на продукциска куќа за изработка на кампања за социјални медиуми продуциските куќи може да ги достават преку електронската пошта konkurs@hera.org.mk
ХЕРА гарантира дека при изборот сите субјекти ќе имаат еднакви услови, без разлика на етничката припадност, родовото изразување,сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или било која друга основа.