Од 11 до 13 декември во Маврово се одржа обуката за рана детекција и превенција. Оваа обука е дел од проектот „Советувалиште и едукација за превенција од дроги помеѓу средношколска популација во град Скопје“, проект кој што е подржан од Град Скопје, во рамките на Локалната стратегија за дроги.
На оваа обука учествуваа претставници од средните училишта кои се вклучени во оваа втора фаза на проектот. Оваа обука имаше за цел да ги пренесе основните информации и знаења во врска со превентивните програми за зависности, раната детекција, како и информациите кои што се поврзани со ефектите од дроги. Покрај тоа на оваа обука учесниците се стекнаа со вештини за тоа како да пристапат до младите, учениците кои што се во ризик од употреба на дроги и како да им се понуди соодветна поддршка, која што се базира на принципите на прифаќање и неосудување. Исто така, стекнатите вештини и информации се важни за развивање на активности во училиштата кои што покрај учениците ќе ги вклучат и родителите и наставниците.
Во рамките на овој проект, во наредната година ќе бидат спроведувани различни активности кои што ќе имаат за цел да ги вклучат младите во превентивни интервенции преку, врсничка едукација, јавни настани, работилници за форум театар и фотографија и други.
Советувалиштето за превенција од употреба на дроги, работи секој понеделник, среда и петок од 16.30 до 19.30 во Младинскиот центар „Сакам да знам“.