ХЕРА го одбележува 26 септември – Меѓународен ден на контрацепција чија цел е да се подобри свеста за контрацепцијата и да им се овозможи на младите луѓе да направат информирани избори за сопственото сексуално и репродуктивно здравје. Под слоганот „Животот е твој и одговорноста за него е твоја“ и оваа година настанот на глобално ниво ја промовира мисијата дека секоја бременост треба да е планирана.
Денес, повторно потсетуваме дека во нашата земја модерната контрацепција не е достапна за младите, жените и паровите, со што сериозно им се загрозува репродуктивното здравје и животот на граѓаните.
Потсетуваме и дека:
- Стапката на употребата на модерна контрацепција изнесува само 12,8% и државата е дел од земјите со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа и европскиот регион;
- Сѐ уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивната листа на лекови, односно не е покриено со осигурувањето;
- Иако Министерството за здравство се заложи за обезбедување бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, оваа мерка не се спроведува во пракса, поради отсуство на механизам за набавка и дистрибуција на контрацептивите;
- Во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје. Иако 36.5% од младите жени на возраст меѓу 20-24 години имале потреба од контрацепција, а истата не биле во можност да ја добијат.
На глобално ниво, пристапот до модерната контрацепција ја намалува матерналната смртност за 25%, и смртноста на новороденчиња за 20%, а пристапот до контрацепција е обврска на државата за обезбедување основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани.
Ја повикуваме Владата да ја направи контрацепцијата достапна за сите девојки и жени во земјата. Ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од Владината програма во областа на здравството до 2020 година и бараме нејзино спроведување без никакво одложување.
И во најновите препораки на Обединетите Нации (Универзален периодичен преглед, јули 2019) се укажува државата да „обезбеди универзална покриеност од државниот фонд за осигурување на сите трошоци поврзани со сексуално и репродуктивно здравје и со методите на модерна контрацепција“.
Уште еднаш инсистираме Владата соодветно да ги примени сите препораки од домашната и меѓународната научна јавност и соодветно да обезбеди достапност и пристапност на сите контрацептивни методи и сеопфатна информираност за сите граѓани, особено за младите.
По овој повод, денес организираме јавен настан во Градскиот парк, каде младите здружено ќе го кренат својот глас за пристапна и достапна контрацепција.