ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамки на проектот „Вработена Ромка = Независна жена“, поддржан од страна на шведската фондација „Квина тил Квина“, објавува повик за избор на консултант/-ка за подготовка на анализа за бариерите со кои се соочуваат Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош при пристапот до пазарот на труд.
- Вовед
ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го спроведува проектот „Вработена Ромка = Независна жена“, поддржан од страна на шведската фондација „Квина тил Квина“, чија главна цел е да се зголеми пристапот и учеството на Ромките на пазарот на трудот. Проектот започна во 2021 година и продолжен е и во 2023 година.
Целта на проектот е, преку застапување на локално и национално ниво, да се зголемат заложбите на централната и локалната власт за пристапот и учеството на Ромките на пазарот на труд. Поради тоа, секоја година се спроведува мониторинг на вработеноста на Ромките во државните институции, нивната невработеност според возрасна структура и образование, како и мониторинг на искористеноста на мерките и услугите од Националниот оперативен план за вработување од страна на Ромките, сѐ со цел подготовка и имплементација на подобрени мерки за вработување, што би довело до поголема вклученост на Ромките во пазарот на труд.
Како дел од проектот е основана и Група за застапување за еднакви можности при вработување Ромки, составена од Ромки активистки. Во моментов, таа претставува единствена иницијатива на Ромки која активно работи на мониторинг на спроведувањето на стратегиските документи и се залага за нивно подобрување, но и за промовирање на родовата еднаквост во областа на вработувањето.
Кај социјално ранливите заедници, особено кај ромското население, се забележува најниска стапка на опфат во образовниот процес, а слабата достапност до стручни вештини и обуки, како и немањето пристап до информации, се дел од бариерите со кои се соочуваат при пристапот до пазарот на труд. Дополнително, системската дискриминација, стигмата и општествените стереотипи, особено на жените Ромки, доведуваат до ограничен и отежнат пристап до остварување на нивните права.
Од спроведениот мониторинг за искористеност на активните мерки и услуги за вработување, сè уште се забележува ниска искористеност од страна на Ромките.
Од добиените податоци од АВРСМ и спроведениот мониторинг за 2021 година, меѓу најважните, ги издвојуваме следните добиени податоци:
- стапката на вработување на Ромите во Република Северна Македонија е 22 %, што е речиси двојно помала од другите етнички заедници;
- бројот на регистрирани невработени Ромки од 2019 до 2021 година се зголемил за 50 %;
- се забележува зголемување на невработеноста кај Ромките, во сите возрасни структури, особено кај младите Ромки на возраст меѓу 20-24 години, каде во 2021 година имало зголемување дури за 137 %;
- од вкупниот број на невработени лица кои искористиле некоја од националните мерки за вработување во текот на 2021 година, само 222 биле Ромки, или, само 2 %;
- преку услугите за вработување на невработени лица, како што се помош при барање работа, обуки за подготовка за вработување и работа, активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување, СИМ-Советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош и слично, во текот на 2021 година биле опфатени само 8 % Ромки од вкупно 57.473 лица корисници, од кои најголем дел од услугите се однесуваат на помош при барање на работа (44 % или 2.076 Ромки), а само две Ромки посетиле обука за подготовка за вработување и работа;
- околу 48 % од ромските семејства се корисници на социјална помош, додека 23 % од Ромите не се евидентирани во АВРСМ, иако Законот за социјална заштита предвидува дека сите полнолетни работоспособни членови на семејството кое користи ГМП, задолжително мора да се пријавени во АВРСМ како активни баратели на работа.
Врз основа на добиените податоци, евидентно е дека, и покрај постоењето на мерки и програми за вклучување на невработените лица на пазарот на труд, бројот на невработени Ромки и корисници на гарантирана минимална помош сѐ уште е алармантен. За таа цел, ХЕРА објавува повик за избор на консултант/-ка за подготовка на анализа на бариерите со кои се соочуваат Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош при пристапот до пазарот на труд.
Ангажираниот/-ата консултант/-ка ќе треба да:
- Подготви методологија за анализа на бариерите со кои се соочуваат Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош (ГМП) при пристапот до пазарот на труд;
- Ја координира комуникацијата со чинителите (граѓанските организации, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, Групата за застапување и останатите кои работат на или поддржуваат програми за вработување во државата) заради прибирање на податоци во согласност со методологијата (квалитативна и квантитативна);
- Соработува со сите чинители (граѓански организации, државни институции важни во областа на вработување) во текот на подготовката на анализата;
- Ги анализира податоците и собира повратни информации од соработниците за бариерите со кои се соочуваат Ромките и корисниците на ГМП;
- Направи преглед на постојните документи, програми, стратегии, акциски планови и мониторинг извештаи поврзани со вработување;
- Ја анализира состојбата во Република Северна Македонија и дава препораки за потребни промени заради зголемено користење на мерките за вработување од страна на корисниците на ГМП;
- Подготви Анализа која ќе се состои од: (1) Извршно резиме, (2) Методологија, (3) Резултати од наодите (квалитативни и квантитативни), (4) Бариери со кои се соочуваат Ромките при пристапот до пазарот на труд (5) Бариери со кои се соочуваат корисниците на ГМП при пристапот до пазарот на труд (6) Најмалку 2 модели на систем кој ќе биде функционален во делот на специфични мерки и активности кои го поттикнуваат вклучувањето на пазарот на трудот на маргинализираните групи, (7) Заклучоци и препораки;
Продукти за испорака:
- Методологија за подготовка на анализа на бариерите со кои се соочуваат Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош при пристапот до пазарот на труд, и
- Извештај од анализата која се состои од: (1) Извршно резиме, (2) Методологија, (3) Резултати од наодите (4) Бариери со кои се соочуваат Ромките при пристапот до пазарот на труд (5) Бариери со кои се соочуваат корисниците на гарантирана минимална помош при пристапот до пазарот на труд (6) Најмалку 2 модели на систем кој ќе биде функционален во делот на специфични мерки и активности кои го поттикнуваат вклучувањето на пазарот на трудот на маргинализираните групи, (7) Заклучоци и препораки.
За оваа консултантска услуга се предвидени 30 работни дена и вкупна бруто сума од 3.000 евра во денарска противвредност. Крајниот рок за доставување на крајните продукти е 15 мај 2023 година.
При изборот ќе се земат предвид следните општи услови:
- Завршено високо образование, со повеќегодишно искуство во квантитативни и квалитативни истражувања, особено во областа на вработување;
- Напредни познавања на системот на социјална заштита во Република Северна Македонија;
- Познавање за спецификите и потребите на маргинализирани групи граѓани во областа на социјални работи и вработување, со фокус на Ромките и корисниците на гарантирана минимална помош;
- Одлични аналитички, истражувачки вештини и вештини за пишување на извештаи;
- Течно говорење и пишување на македонскиот и англискиот јазик;
- Способност за планирање и организација;
- Насоченост кон навремено исполнување на зададените задачи.
Предност ќе имаат кандидат(к)и кои имаат познавање на националните политики за вработување, стратешки документи поврзани за Ром(к)и и корисници на гарантирана минимална помош.
Потребни документи
- Кратка биографија на македонски јазик
- Референтна листа на претходни слични ангажмани
- Предлог на методологија
Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани кандидат(к)и до 14 февруари 2023 година.
Документите со назнака/предмет на пораката Јавен повик за избор на Консултант/ка за подготовка на Анализа за бариерите со кои се соочуваат Ромките и корисниците на ГМП, кандидат(к)ите можат да ги достават на следниот начин:
- електронски: konkurs@hera.org.mk;
- по пошта: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ул.„Франклин Рузвелт“ бр.51а/26, 1000 Скопје.
Лицата коишто аплицирале ќе бидат известени за резултатите од повикот по електронски пат, во рок од најмногу 3 дена од донесувањето на одлуката за избор.
ХЕРА гарантира дека при изборот сите кандидат(к)и ќе имаат еднакви услови, без разлика на етничката припадност, родовото изразување, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или било која друга основа.