Сакајќи да го прошириме пристапот и изборот на услуги за контрацепција и сексуално и репродуктивно здравје, спроведовме пилот-проект за да видиме дали и во која мера можат семејните лекари да даваат услуги од овој домен.
Пилотирањето на давањето услуги за сексуално и репродуктивно здравје во ординациите на семејните лекари во 2022 година покажува дека сите 24 семејни лекари вклучени во проектот дале услуги поврзани со превенција на рак на дојка, рак на простата и советување за менопауза и дека безмалку сите лекари кои се изјасниле дека лани дале услуга поврзана со вагинален преглед, вклучително и земање вагинален брис и ПАП-тест, доаѓаат од градовите каде што, во рамките на проектот, беа опремени гинеколошки ординации во склоп на тамошните здравствени домови – Македонски Брод, Радовиш и Делчево.
Советувањата за самопреглед на дојка и за контрацепција се меѓу најчесто бараните услуги од жените кои живеат во рурални средини. Советувањето за контрацепцијата и земањето/користењето на бесплатно достапната контрацепција во ординациите на семејните лекари се барани услуги особено од Ромките.
Во текот на пилотирањето, вкупно 24 жени со попреченост, 157 Ромки, 293 жени од рурални средини и 535 мажи добиле над 2.000 услуги за контрацепција од страна на семејни лекари – односно, советување за контрацептивни методи и бесплатни кондоми, контрацептивни таблети и итна контрацепција.
Дури 7 од семејните лекари вклучени во проектот* (40 %) пружиле услуга поврзана со вагинален преглед, за разлика од 2019 година кога оваа услуга се изјасниле дека ја дале само 5 % од семејните лекари. Вагинални брисеви и ПАП-тестови се направени во Македонски Брод, Радовиш и Делчево чии здравствени домови добија комплетно опремени гинеколошки ординации, со што се овозможи инфраструктура и достапна опрема за овие здравствени услуги.
Семејните лекари сметаат дека имаат поголеми вештини и компетенции за пружање услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, покажува анализата на податоците од почетната и завршната анкета што ги направивме во јуни 2021-ва и лани во ноември, соодветно. Имено, семејните лекари опфатени со проектот во ноември 2022 година ги оцениле сопствените компетенции за сите дефинирани здравствени услуги со повисока оценка од просечните оценки кои ги дале семејните лекари од генералниот примерок во јуни 2021 година.
Пилотирањето следуваше по мапирањето на семејните лекари што го спроведовме во рамките на проектот „Семејните лекари – партнери во унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје“ што го спроведовме во партнерство со Центарот за семејна медицина и со поддршка од Јапонската влада. Исто така, подготвивме препораки за поттикнување на давањето услуги за сексуално и репродуктивно здравје од страна на семејните лекари преку подобрување во начинот на плаќање и петгодишен Национален план за обезбедување на услуги за сексуално и репродуктивно здравје во доменот на семејната медицина.