Ова е првото од низата интервјуа со Ромки што ќе ги објавиме во следниот период, во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, финансиран од шведската фондација „Квина тил Квина“. Целта ни е да ја подигнеме јавната свест за дискриминацијата и стигмата за жената Ромка во областа на вработувањето. Преку споделување позитивни приказни на успешни Ромки сакаме да ги поттикнеме идните генерации да се образуваат, да градат кариера и да станат еднакви во општеството.
Салија Љатиф Петрушовска е комуникативна, правична, емпатична, но и професионална, организирана, трпелива, упорна и посветена. Ова се барем дел од најчестите особини со кои луѓето од нејзиното најблиско опкружување ја опишуваат. Формално, таа е доктор по стоматологија, во моментот запишана на постдипломски студии по јавно здравје на Медицинскиот факултет – Скопје, при УКИМ. Од август 2017 година е назначена за в.д. Директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
Како малечка, сонувавте ли да бидете тоа што сте денес?
Како малечки сонуваме да станеме „ѕвезди“, најдобрата верзија од себе. Јас, за среќа, не сум ѕвезда (хаха), но сигурна сум дека работам на тоа да станам најдобрата верзија од себе.
Во моето потесно семејство има членови кои работеа во јавното здравство и оттаму можеби желбата за да станам здравствен работник. Желбата ми е остварена затоа што отсекогаш сум сакала да им помагам на луѓето – белиот мантил, храброста и добрината ме асоцираат на здравствен работник…
Како стигнавте дотука?
Да станеш дипломиран доктор по општа медицина, стоматологија или фармација и да си Ром/-ка, воопшто не е лесно. Но и тоа се постигнува со постојан труд, јасна цел дека нема откажување и покрај големите предизвици кои ги носи „патеката на животот“.
Како одлична ученичка во основното образование која имаше огромна желба да стане здравствен работник, единствена опција за мене беше да се запишам во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, кое важи за едно од најелитните училишта во кое учат само најдобрите.
Понатаму, не е лесно ни да се запишеш и да те примат во државна квота на Стоматолошкиот факултет при УКИМ– секоја година се запишуваат најдобрите ученици кои ќе завршат средно училиште и полагаат државен испит. За мене приватната квота не постоеше како опција бидејќи моите родители не можеа да си дозволат таков „луксуз“. Но, благодарение на мојот голем труд и низата непроспиени ноќи и честото откажување од социјалниот живот кој за моите врсници беше вообичаен, јас успеав да дипломирам навреме и бев единствена Ромка во генерацијата. Секако, голема благодарност до програмата за медицински стипендии за Роми која ми помогна од финансиски аспект и менторска поддршка.
Најмногу сум им благодарна на моите родители кои максимално ме поддржаа и ме мотивираа да учам, да бидам најдобра и да не се откажам.
Знаете, јас дипломирав на 23 години (студиите на Стоматолошкиот факултет траат пет години и една година приправнички стаж), а таа возраст во ромската традиција е „многу“ за една девојка која мора да се омажи млада, во просек на 18 или 19 години, инаку „ќе ѝ летне шансата за мажење“.
Дипломирав во 2012 година, додека во 2013 година го завршив приправничкиот стаж. Следен предизвик беше да се најде соодветна работа – доста тежок процес. Лично, сметам дека има премногу продуциран кадар во мојата професија и поради тоа навистина е предизвик да си го најдеш местото на пазарот на трудот. Додека барав соодветна опција, се едуцирав континуирано и волонтирав повремено во неколку стоматолошки ординации, работев во неколку невладини организации каде што започнав да го анализирам јавниот здравствен систем како голем синџир на предизвици кои треба државата да ги реши. Неколку години подоцна, започнав со работа во ОЕ Итна стоматолошка здравствена заштита во Поликлиниката „Бит Пазар“ каде што работев повеќе од една година. Од август 2017 година сум назначена за в.д. директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
Мислите ли дека срушивте некој стереотип попат?
Во текот на моето формално образование не сум се почувствувала дискриминирано или, можеби, само не сум успеала да ја препознаам дискриминацијата. Со проблемите на ромската заедница започнав да се занимавам работејќи во невладиниот сектор, каде што имав можност да научам и бев сведок на најразлични студии на случаи затоа што директно работев и ѝ давав правна поддршка на ромската заедница во Скопје и пошироко, во областа на здравството и социјалната заштита.
На самиот почеток, кога ме назначија на позицијата директор, до мене стигнуваа информации кои не беа пријатни да се слушнат. Голем дел од неромското население и од здравствената фела „зрачеше“ со недоверба секојпат кога велеа „Како 28-годишна млада Ромка и доктор по стоматологија ќе се справи со оваа голема институција?“ За среќа, низ овие три години поминати во оваа прекрасна установа, заедно со вработените работиме тимски и многу се радувам бидејќи ем учам за дејноста, ем ја унапредувам. Во 2018 година, како резултат на успешната работа и постигнатите резултати од областа на здравството, ја добивме наградата „13 Ноември“ од Градот Скопје.
Кога ќе погледнете низ годините наназад, кој ви беше најголемата поддршка? Од каде дојде најголемото охрабрување за да станете ова што сте сега?
Дефинитивно од моите родители, кои се ангажираа до максимум за да го завршам образованието и кои ме поттикнуваа никогаш да не се откажувам. Морам да ги спомнам и програмите за стипендирање РМУСП и РХСП, поддржани од Ромскиот образовен фонд и програмата за јавно здравје од Фондацијата Отворено општество (ФООМ), кои ми помогнаа финансиски и логистички да ги завршам студиите. Голема благодарност до моите професори и асистенти кои ме поддржуваа на патот кон успехот и во постојаното усовршување во однос на мојата професија.
Што најмногу Ве исполнува во Вашата работа?
Директорка сум на установа која е единствена од таков тип во државата и која им дава поддршка на најранливите пациенти- геријатриските (возрасни лица над 65 години) и палијативните (терминално болни) пациенти.
Се чувствувам исполнето затоа што оваа работна позиција ги обединува моето формално образование и љубовта кон најранливите, при што ми ја дава можноста да им помогнам на пациентите, вработените и установата користејќи го моето искуство и знаење од претходно во однос на унапредување на дејноста преку креирање на успешни политики за раст и развој на установата.
Како Вашата работа го прави светот подобро место за ромската заедница?
Мојата работа како лекар го прави светот подобро место за сите, вклучувајќи ги и Ромите. Ромите можеби за прв пат имаат можност да почувствуваат еднаков пристап до здравствените услуги од повеќе аспекти, а особено кога станува збор за пристап до геријатриската и палијативната грижа.
Навистина се чувствувам многу среќна што успевам да менаџирам со сите чинители кои се засегнати од институцијата и што успевам да придонесам за да и Ромите и Ромките добијат соодветна здравствена грижа и услуги, и да можат еднакво да ги остваруваат своите права како пациенти во државата.
Оттука, сметам дека на ромската заедница во земјава ѝ требаат млади Роми и Ромки интелектуалци и здравствени работници кои треба да бидат вклучени во здравствениот систем за да можат да ѝ го олеснат пристапот до здравствени услуги.
Кое е Вашето мото? Што би им порачале на младите Ромки?
Да учат, континуирано да инвестираат во своето образование и да се борат! Придобивките од нивната заложба ќе ги направи среќни, задоволни и успешни онолку колку што ќе се вложат. Работете за да станете најдобрата верзија од себе!
(Фотографии: Сашо Н. Алушевски)