Поттикнати од одличното видео на „Види Вака“ и од фактот дека речиси и да нема информации за сексуалното и репродуктивното здравје прилагодени за луѓето со оштетен слух и говор во земјава, решивме да направиме интервју со Марија Башеска Стојановска, долгогодишна толкувачка на знаковен јазик и да се осврнеме на поголемата слика кога е во прашање правото на здравје на оваа група наши сограѓани.
ХЕРА: Зошто луѓето со оштетен слух и говор имаат потреба од толкувачи на знаковен јазик?
Марија: Глувите лица се до нас, покрај нас… Но, бидејќи глувоста е невидлива надворешно, многу луѓе мислат дека да не се слуша и не е некој „посебен проблем“. Што, се разбира, не е така. Оттаму, за да можат да функционираат во секојдневниот живот, на луѓето со оштетен слух и говор им требаат професионални толкувачи на локалниот знаковен јазик.
Банка, пошта, училиште, градинка, дом за стари лица, суд, полиција, општина, болница или телевизиски куќи – каде и да се свртат, овие наши сограѓани наидуваат на непристапни објекти и институции. Мака мачат да ги завршат своите тековни обврски, а понекогаш, како на пример, кога станува збор за здравствените услуги, лошата или нецелосна комуникација може да има сериозни последици по нивното здравје. Од друга страна, пак, правото на „пристоен третман“ при одење на лекар е законски загарантирано, како и со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост што државата ја има потпишано.
Праксата, за жал, изобилува со вакви примери, од кои дел имаа и страшни последици. Како долгогодишен новинар-толкувач во Македонската телевизија, го следев и тематски го отворав ова прашање многу често. Глувиот човек, поради немоќта самостојно да разговара со својот матичен лекар, бара придружба од сертифициран толкувач преку кого ќе може и двете страни да се чувствуваат удобно и сигурно. Конечно, само така лекарот може да добие целосна слика за здравствената состојба на пациентот и да препише соодветна терапија. Неретко се слушаат изјави од типот на „мислам дека го разбрав“ или „ми кимна со главата“ иако глувите лица, на пример, не знаат каде лекарот ги испраќа на дополнително испитување, дали треба да дојдат гладни и жедни пред операција или прием во болница. Во вакви околности, решението се бара во членови на семејството, наместо во редовите на компетентните толкувачи.
ХЕРА: Зошто не би требало член на семејството да биде во улога на толкувач?
Марија: Затоа што најголем дел од семејствата не го владеат јазикот на своите деца или родители со оштетен слух и говор. А и да го владеат, лекарот не треба да се потпре на нив во преведувањето стручни поми.
На пример, не треба малолетно дете, на возраст од 9-10 години, кое е единственото што слуша во семејството, да биде мостот на комуникација меѓу гинекологот и неговата глува мајка. Тоа ниту ја разбира природата на проблемот ниту му е местото таму ниту е прашано дали сака да биде таму. Таа одговорност е преголем товар за детските плеќи, особено ако станува збор за канцер и хемотерапии или киретажа, вештачко оплодување и други аспекти на сексуалното и репродуктивното здравје. Од друга страна, толкувачот посетува шест нивоа на обука по знаковен јазик, која вклучува обработка и на оваа тема.
Низ годините, ХЕРА многупати има соработувано со Марија Башевска. Меѓу последните
соработки, беше преведувањето на брошурата за контрацепција на знаковен јазик.
ХЕРА: Како може човек со оштетен слух и говор да добие толкувач бесплатно?
Марија: Правото на користење поддршка од толкувач на знаковен јазик го уредува и обезбедува Законот за примена на знаковен јазик објавена во Службен весник во август 2009 година. Поточно, членот 7 од овој Закон ги обврзува сите установи и институции да обезбедат непречена комуникација со глувите лица.
Во пракса, патеката по која се доаѓа до толкувач е нејасна, непрецизна и во многу аспекти несоодветна. Имено, најчесто, глувите лица не знаат каде и кому треба да му се обратат за толкувач, односно не знаат дека треба да се обратат до Центарот за социјална работа којшто ги издава соодветните решенија. Глувите и наглувите лица имаат право бесплатно да користат толкувач на свое барање најмногу до 30 часа годишно. Доколку институција или организација побара толкувач, во тој случај, таа ги покрива трошоците за толкувач.
Од неодамна во Скопје, со статус на „хонорарно ангажирани“, работат двајца толкувачи во здравството, преку проект на скопското Здружение на млади со оштетен слух и говор Здружение на млади со оштетен слух и говор „Млад знак“ и Младинскиот образовен форум (МОФ), поддржан од Министерството за здравство. Но, ова е проект со краток рок. Тука се и толкувачите од Асоцијацијата на толкувачи на знаковен јазик „Гласни раце“ од Скопје, како и другите колеги толкувачи. Но, што се случува со илјадниците глуви пациенти во внатрешноста на државата?
Процедурата за добивање толкувач сѐ уште нѐ потсетува дека тоа е просторот кој мора да биде ослободен од канџите на здруженијата на глуви лица кои ниту инвестираат во нови обуки за толкувачи, ниту имаат капацитет да ги опслужат глувите лица во земјава. Овој процес мора да биде под надлежност на ресорното Министерство за здравство. Така ќе се избегнат привилегиите кои со децении ги сведочиме за произволно однесување и систем на казни и награди без основа.
Покрај бројните предизвици во праксата, постои и уште еден поголем проблем што со децении никој не го решава. Имено, законот кој ја уредува примената на знаковниот јазик треба да биде предмет на интерес на Министерството за правда како што е со сите други јазични заедници во Македонија, а не на Министерството за труд и социјална политика како што е сега. Исто така, треба да се направат измени и дополнувања затоа што овој закон беше буквално препишан од Словенија, без расправа или какви било поопсежни анализи на состојбата во земјава и конечно, без усогласување со одредбите од Конвенцијата.
ХЕРА: Дали постои светла точка? Има ли институции кои го почитуваат ова право на луѓето со оштетен слух и говор?
Марија: Од мојот толкувачки стаж би можела да издвојам малку здравствени установи каде што овие граѓани не наидуваат на ваква пречка. Една таква е Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, која на свој трошок ги обезбедува услугите за толкување, со директна вклученост на тим составен од социјален работник и психолог. Уште еден позитивен пример е Одделот за невропсихијатрија во рамки на болницата „Осми септември“.
Досега, не сум сретнала приватна болница или лабораторија што ја исполнила обврската да биде пристапна и за глувите луѓе.
ХЕРА: Дали организација/институција може да побара толкувач за некој пациент или корисник на услуги?
Марија: Која било институција или организација може да ангажира толкувач на знаковен јазик, со тоа што оваа услуга е бесплатна (не се наплаќа) доколку ангажираниот толкувач е од организацијата „Мое здравје“, чии трошоци ги подмирува Министерството за здравство. Преку неа, толкувачите се ангажирани на определено време следниве 4 месеци.
Доколку, на пример, се побара толкувач од „Гласни раце“, надоместокот го плаќа самата институција или организација. Поради малиот број на сертифицирани толкувачи и нивната достапност низ земјата, малкумина глуви успеваат да добијат толкувачи преку Сојузот на глуви и да црпат средства од организацијата за таа цел.
Останува прашањето што со толкувачите во внатрешноста на земјата, коишто никој не ги ангажира бидејќи работите не се уредени како што треба?!
На знаковен јазик Марија ја преведе и нашата брошура за сексуално преносливите инфекции.
ХЕРА: Дали при посета на гинеколог, на пример, се бара толкувачот да е женско? Што кажува Вашето искуство?
Марија: Одењето кај гинеколог претставува „деликатна обврска“ ако немате толкувач, а дали ќе биде деликатна доколку ви дојде на помош маж-толкувач зависи од гледиштата и ставовите на самата пациентка.
Додека одговарав на Вашите прашања, ми се обрати брачен пар од Скопје кој не знае како се избира матичен гинеколог. Во телефонскиот разговор со нивната матична лекарка, замолив за оваа информација и добив насоки – уште еден пример дека без поддршка од толкувач, глувите луѓе тапкаат во место. Згора на тоа, мала е можноста да избираат меѓу мажи и жени толкувачи иако може да се претпостави дека би им било покомотно или попријатно да имаат жена толкувач додека се на гинеколог.
Лично, единствено јас меѓу моите колеги, имав можност да придружувам глуво лице кое сакаше да си го смени полот. Ова за мене беше и професионален и личен предизвик бидејќи увидов со што сѐ се соочуваат моите сограѓани во остварувањето на правото на здравје. Што, конечно, ме направи и посилна и појака во борбата против дискриминација на глувите во здравството.
ХЕРА: Што предлагате да се направи за да може, во оваа смисла, да се задоволат потребите на луѓето со попреченост?
Марија: Има околу 35 сертифицирани толкувачи на знаковен јазик во Македонија. Бројот е мал, но поважно е дека тие најмногу се сконцентрирани во Скопје. Нерамномерниот регионален развој се одразува и на капацитетите во внатрешноста во земјата, а ова дефинитивно се одразува и на луѓето со оштетен слух и говор.
Од друга страна, толкувачите со години чекаа да најдат вработување и да бидат препознаени како дефицитарен и многу потребен кадар. Бидејќи тоа не се случи, а ниту матичната организација Национален сојуз на глуви и наглуви на Македонија не се одважи да ги решава овие проблеми,толкувачите се вработија на други позиции и веќе не се во можност да ги опслужуват глувите лица (во рамките на работното време). Патем, од постојната бројка, само неколкумина се со високо образование и магистри, поради што се најбарани на пазарот.
Од тие причини, како и секаде во светот, колку побрзо се седне со нас на маса за да се разговара за решенијата – кои, инаку, се лесно спроведливи – толку подобро за сите.
Како претседателка на Асоцијацијата на толкувачи на знаковен јазик „Гласни раце“ и како долгогодишен предавач на знаковниот јазик, имам три препораки.
Сметам дека едукацијата на идните толкувачи треба да се одвива во посебен центар за обуки кој ќе биде под закрила на државата, со што ќе се избегнат сите притисоци и аномалии на тој пат и ќе се зајакне толкувачкиот кадар и мора да се обезбеди годишен буџет за толкувачите.
Конечно, мислам дека треба да се формира Центар за превод и толкување на знаковен јазик како правен субјект кој ќе биде матица во која ќе се слеваат сите побарувања од поединци, родители, институции и организации. Овој центар би имал своја мрежа низ целата држава преку која ќе се работи на унапредување и заштита на знаковниот јазик. Може да биде и во рамките на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, имајќи предвид дека толкувачите на знаковен јазик ги опслужуваат глувите луѓе од сите етнички заедници.