Уназадувањето според извештајот на ЕЕСК е нотирано во економските, медиумските, социјалните области како и во владеењето на правото, а видливо назадување има и во родовата еднаквост и дискриминацијата. ХЕРА предупредува дека ваквите уназадувања ја оддалечуваат земјата од еворинтеграциските процеси правејќи ја Европската Унија далечна стратешка цел.
Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) го објави извештајот за фундаментални права и владеење на правото по мониторинг посетата на Северна Македонија, во март 2026 година. Извештајот кој ги вклучува искуствата и рефлексиите на граѓанското општество, укажува на сериозни предизвици во заштитата на човековите права, родовата еднаквост, борбата против дискриминацијата и функционирањето на демократските институции.
Особено загрижувачки се предупредувањата на граѓанските организации за назадувањето на родовата еднаквост во образованието предизвикани од реактивноста на институциите на ставовите на антиродовите движења.
Во извештајот се издвојуваат клучни проблеми од повеќе области меѓу кои:
Назадување во образованието: Отстранувањето на родовата еднаквост од образовното законодавство се оценува како чекор назад во заштитата од дискриминација и создавањето инклузивно образование.
Штетното влијание на антиродовите движења: Се посочува нивното зголемено присуство во јавниот дискурс и консултациите со пратеници за законски решенија, што отвора сериозни прашања за демократските принципи и вредности на институциите за носењето на политиките за човекови права.
Недоволна заштита на жените и ЛГБТИ луѓето: Дискриминацијата, говорот на омраза, бавните судски постапки и слабата институционална реакција продолжуваат да ја ограничуваат ефективната заштита на правата.
Родово базирано насилство: Недоволната институционална поддршка, благите санкции и ограничениот пристап до специјализирани услуги ја нагласуваат потребата од посилен систем за заштита на жртвите.
Дезинформации и притисок врз граѓанското општество: Растот и ширењето на антидемократски наративи, недоволното јавно финансирање и ограниченото учество на граѓанските организации во носењето одлуки ја ослабуваат демократската отпорност.
За ХЕРА, овие наоди се сериозно предупредување дека освен уназадувањето на евроинтегративните процеси и реформи, реактивноста на институциите на антиродовите ставови ги доведува во прашање демократските прицнипи и вредности на институциите и политичарите во носењето на политики и остварувањето на човековите права на граѓаните.
Затоа, ХЕРА повикува на итни и конкретни институционални мерки:
– враќање на родовата еднаквост во образовните политики;
– доследна примена на законите за заштита од дискриминација;
– ефикасна заштита од родово базирано насилство;
– воспоставување на механизми за градење отпорност на дезинформациите и штетните наративи од страна на националните безбедносни служби;
– обезбедување одржлива поддршка за граѓанските организации.
Европската интеграција не смее да се сведе на формално усогласување на законите. Таа мора да значи вистинска заштита на човековите права, еднаквост и демократски институции отпорни на притисоци што ги поткопуваат овие вредности.
Целосниот извештај е достапен на: https://www.eesc.europa.eu/sites/default/files/2026-10/qe-01-26-016-en-n.pdf
