На 13 јули 2021 година, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражувања упати демант на содржината на текстот со наслов „Сексуално образование на основците по терк на ХЕРА, од каде доаѓа Царовска“, кој телевизија Алфа го објави претходниот ден.
Како што стои и во самиот демант, информациите што ги изнесува ТВ Алфа се лажни и му наштетуваат на угледот на ХЕРА и на нејзините членови. Дополнително, текстот има и намера да му наштети на процесот на вклучување на сексуалното образование како изборен предмет во 9-то оддлеление во наставните содржини согласно новата концепција, намерно занемарувајќи ја неговата значајност за личниот, емотивниот и психо-социјалниот развој на младите.
Во согласност со Законот за медиуми, медиумите се обврзани интегрално да го пренесат демантот упатен до нив. Но, во случајов тоа не беше така, што може да се увиди од самиот прилог на телевизијата, кој беше емитуван на 13 јули во вестите во 14.30, 17.30 и 22 часот (по 19′). Поради тоа, ХЕРА поднесе претставка до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Иако АВМУ нема законски можности да постапува за спроведувањето на одредбите од правото на одговор и исправка, сепак констатира дека „медиумот не ги почитуваше доследно законските одредби, односно не го пренесе демантот на ХЕРА во целост, селективно изостави суштински делови кои се однесуваат на прирачникот за сексуално образование и во продолжение на истиот прилог даде свој коментар на темата воведување на сексуално образование.“
Интегралниот одговор од АВМУ на нашата претставка во врска со правото на одговор и исправка можете да го прочитате тука. Демантот на ХЕРА е достапен на следниот линк.
И натаму бараме од телевизија Алфа јавно извинување и објавување на нашиот демант во целост. Исто така, бараме да ја почитува новинарската етика и да направи соодветна корекција на текстот за да ја извести јавноста за фактичката состојба во врска со пилотирањето на сеопфатното сексуално образование во земјата.
Конечно, ги повикуваме медиумите да ги почитуваат Кодексот на новинари и стандардите на професионално известување затоа што само така јавноста ќе биде информирана со вистинити информации за штетните тенденции и практики во општеството.