Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги испрати писмо до редакцијата на Алфа телевизија со кое оценува дека телевизијата не го емитувала во целост демантот што ХЕРА го испрати до редакцијата, а по повод емитувањето на прилогот објавен на 12ти јули на Алфа телевизија во кој главен фокус е содржината на Прирачникот по сеопфатно сексуално образование. Иако АВМУ нема законски можности да постапува за спроведувањето на одредбите од правото на одговор и исправка, во одговорот кон претставката поднесена од нашата организација констатира дека „медиумот не ги почитуваше доследно законските одредби, односно не го пренесе демантот на ХЕРА во целост, селективно изостави суштински делови кои се однесуваат на прирачникот за сексуално образование и во продолжение на истиот прилог даде свој коментар на темата воведување на сексуално образование“.
По писмото од АВРМ, телевизијата Алфа ги исполни законските обврски и го објави во целост демантот на ХЕРА (објавата може да ја прочитате тука).
Демантот на ХЕРА се однесува на новинарски прилог во кој преку нецелосни, неточни и извадени од контекст информации се шири паника и говор на омраза кои прават штета како на организацијата и образовните институции, така и за целата јавност која имала за цел да се информирала преку овој медиум.
Се работи за шест потточки кои беа дел од демантот и не беа објавени од телевизијата, а без кои јавноста не може да ја има целата слика за програмата и не може да биде правилно информирана:
- Дека ХЕРА, заедно со други експерти и универзитетски професори е партнер и техничка поддршка на Бирото за развој на образованието во спроведување на пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование во четири основни училишта во земјава;
- Дека Прирачникот кој се спомнува во текстот и кој е издаден од ХЕРА во 2013 година, бил подготвен за да служи како дополнителна алатка за наставниците за реализација на предметот „Животни вештини“ во однос на теми поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, а не за сегашната пилот-програма за сексуално образование;
- Дека за реализација на пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование се користат посебни прирачни материјали за наставниците кои се обучуваат. Овие материјали се во согласност со стандардите на ОН и со возраста на децата и ќе им помогнат понатаму на наставниците во реализација на програмата;
- Дека наведениот прирачник не е дел од овие материјали;
- Дека пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование ќе се изучува во четири основни училишта низ територијата на државата и тоа како вонучилишна активност, а не во сите основни училишта;
- Дека родителите на децата кои учат во основните училишта каде што ќе се спроведува пилот-програмата, се запознаени со содржината на наставата. Вклученоста на учениците во следење на наставата за сексуално образование е условена со давање на родителска информирана согласност.
Следењето на објективноста и професионалното информирање за сексуалното образование се наша обврска пред јавноста, и наша должност е и во иднина да пријавиме и реагираме при прекршување на овие работи кои се од јавниот интерес.