Контекст
Безбедноста и благосостојбата на децата и младите се тесно поврзани со квалитетот на односите во семејството, училиштето, врсничката група и пошироката заедница. Насилството, булингот, родовите стереотипи, притисокот во врсничките и емотивните односи, недостигот на разбирање за личните граници и согласноста, како и тешкотиите во отвореното разговарање за емоциите и менталното здравје, можат значително да влијаат врз развојот и благосостојбата на младите.
Во рамки на активноста ќе бидат организирани пет локални настани, кои ќе создадат безбеден простор за разговор за безбедноста на децата и младите, здравите односи, личните граници и согласноста, менталното здравје и превенцијата на различни форми на насилство.
Предмет на ангажманот
Предмет на овој повик е избор на правно лице, организација, продукција, креативен тим кој ќе осмисли, адаптира и реализира интерактивен и креативен концепт во рамки на пет локални настани, кој ќе служи како поттик за разговор и активно вклучување на младите, родителите, воспитно-образовниот кадар и претставниците на локалната заедница. ХЕРА особено ги охрабрува понудувачите да предложат иновативни и алтернативни формати што најдобро одговараат на целите на активноста.
Обем на работа
Во соработка со ХЕРА, избраниот понудувач ќе го разработи или адаптира предложениот концепт во согласност со целите на проектот.
Концептот треба да содржи:
- кратко сценарио или опис на содржината;
- методологија;
- теми што ќе бидат опфатени;
- начин на интеракција со публиката;
- времетраење;
- број и профил на лица вклучени во реализацијата;
- технички потреби.
ХЕРА го задржува правото во консултација со избраниот понудувач да предложи адаптации на содржината пред започнување на реализацијата.
Профил на понудувачот
На повикот можат да се пријават:
- театри и независни театарски продукции;
- здруженија и организации;
- уметнички колективи;
- други регистрирани правни лица со релевантно искуство.
Понудувачот треба да има:
- релевантно искуство во креативна, уметничка, едукативна или партиципативна работа;
- искуство во работа со млади и локални заедници;
- капацитет за реализација на активности во повеќе локални средини;
- разбирање на чувствителноста на темите поврзани со младите, менталното здравје и насилството.
За предност ќе се смета претходно искуство со:
- интерактивен или применет театар;
- младинска работа;
- теми како ментално здравје и превенција на насилство.
Содржина на понудата
Заинтересираните понудувачи треба да достават:
А. Техничка понуда
Техничката понуда треба да содржи:
- краток опис на понудувачот;
- опис на релевантното претходно искуство;
- опис на предложениот концепт;
- предложено времетраење;
- технички и просторни предуслови;
- најмалку еден пример, линк, портфолио или друг материјал од претходна слична работа, доколку е достапен.
Доколку понудувачот предлага веќе развиена претстава, перформанс или друга авторска содржина, треба да достави краток опис и каде што е возможно, видео, фотографии или друг пример од содржината.
Б. Финансиска понуда
Финансиската понуда треба да ја наведе:
- цената за една реализација;
- вкупната цена за пет реализации;
- трошоците за транспорт, доколку се дополнителни;
- трошоците за техничка опрема, доколку се дополнителни;
- други релевантни трошоци;
- вкупната цена со сите применливи даноци.
Начин на избор и рок за доставување на понудите
Заинтересираните понудувачи треба да достават:
- техничка понуда – 25 поени;
- финансиска понуда – 60 поени;
- кратко портфолио/референци – 15 поени.
Понудите се доставуваат електронски на konkurs@hera.org.mk, со назнака: „Понуда – интерактивни локални настани“, најдоцна до 31 август, до 16:00 часот.
ХЕРА го задржува правото да побара дополнителни информации, презентација или појаснување на предложениот концепт пред донесување на конечната одлука.
