Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка.
Бараме итна, темелна и независна истрага за сите околности на случајот, вклучително и за постапувањето на институциите по претходната пријава за насилство. Додека се утврдуваат идентитетот на второто починато лице и причините за смртта, едно прашање не може да чека: Дали институциите ги презеле сите мерки за заштита по пријавеното насилство?
Пред само осум месеци, трагичната смрт на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка го потресе целото општество. По тој настан, претставниците на институциите и граѓанските организации седнаа на заедничка маса, со јасна обврска да подготват законски измени и одржливи промени во институционалното постапување, за жртвите да добијат навремена и ефикасна заштита.
Беа идентификувани слабостите во системот, потребата од подобра проценка на ризик, координација меѓу полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа, како и потребата од итни промени во повеќе закони и практики. Осум месеци подоцна, повторно зборуваме за трагедија на која ѝ претходела пријава за насилство.
Во меѓувреме, во август беа предложени измени во Собранието само на еден закон – Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Дури и законските измени во овој закон остануваат предмет на политички одложувања. Бараме Собранието веднаш јавно да објасни во која фаза се наоѓа предлог измените на законот и зошто не се донесени неопходните измени. Особено алармантни се информациите дека дел од парламентарното мнозинство ги оспорува предложените решенија како „премногу прогресивни“, затоа што во нив се користат поимите родова еднаквост и родово базирано насилство.
Ако ова навистина е причината поради која се одложува зајакнувањето на заштитата на жртвите, тогаш станува збор за политичка неодговорност со потенцијално тешки последици. Да се проблематизира поимот „родово базирано насилство“ во законите што треба да ги штитат жените од насилство, додека жените и девојчињата продолжуваат да пријавуваат закани, контрола и физички напади, е недозволиво.
НЕДОЗВОЛИВО е заштитата на жените и децата да биде заложник на идеолошки несогласувања. НЕДОЗВОЛИВО е осум месеци по трагедијата со Ивана повторно да бараме одговори на истите прашања.
Уште пострашно е што сето ова се случува во време кога јавни личности и претставници на политички партии отворено шират ставови што ја оправдуваат машката контрола врз жените и го релативизираат партнерското насилство. Наместо недвосмислена јавна осуда, сведочиме на простор во кој ваквите изјави се третираат како уште едно политичко мислење.
Не може насилството да се релативизира во јавноста, родот да се брише од образованието, а законските механизми за заштита да се одложуваат поради идеолошки приговори. Овие случувања не докажуваат директна причинско-последична врска со трагедијата во Богданци, но отвораат сериозно прашање за политичките приоритети и одговорноста на институциите.
Не може по секоја трагедија да слушаме исти ветувања, а никој да не одговара за можните институционални пропусти.
Национална мрежа за против наилство врз жените и семејно насилство бара:
- Итна истрага за трагедијата во Богданци, со целосна проверка на претходното постапување на полицијата, обвинителството и социјалните служби, проценката на ризик и преземените мерки за заштита.
- Итно јавно произнесување на Собранието за предложени законски измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, поднесен во август во Собранието, со објаснување за неговиот статус, причините за одложување и конкретен рок за постапување.
- Итно произнесување на Владата до каде е процесот на измена и на другите закони, а со цел нивно услогласување со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои работната група формирана по фемицидот на Ивана требаше да ги подготви, со објаснување за нивниот статус, причините за одложување и конкретен рок за подготовка и поднесување.
- Итно ставање во собраниска процедура и одлучување за неопходните законски измени, без политичко условување на заштитата на жртвите и без отстранување на поимите родова еднаквост и родово базирано насилство од законската рамка.
- Јасна политичка одговорност од Владата и парламентарното мнозинство за спроведувањето на преземените обврски по трагедијата со Ивана и нејзината ќерка.
- Итно спроведување на системските промени во институционалните практики, за секоја пријава за насилство да биде проследена со соодветна проценка на ризик, навремени мерки за заштита и координирано постапување.
- Недвосмислена јавна осуда на говорот што ја оправдува контролата и насилството врз жените, особено кога доаѓа од носители на јавни функции и политички претставници.
Собранието мора да покаже дека е способно да одговори на современите општествени предизвици и на реалните ризици со кои се соочуваат жените и децата. Доколку парламентарното мнозинство не може да обезбеди донесување на законите неопходни за нивна заштита, мора јавно да ја преземе политичката одговорност за таквата блокада.
Заштитата од насилство не е „прогресивна идеологија“. Таа е основна обврска на државата.
Жените и девојчињата не можат да чекаат политичарите да се договорат дали зборовите „род“ и „родова еднаквост“ им се прифатливи. Нивната безбедност не смее да зависи од политички калкулации. Ниту една институција не смее да се задоволи со соопштение по трагедија, без јасни одговори за тоа што било преземено за таа да се спречи.
По трагедијата со Ивана ветивте дека системот ќе се промени. Денес повторно бараме одговори. Каде се законите? Каде се променетите практики? Каде е одговорноста? Нема повеќе простор за одложување. Нема оправдување за институционално непостапување. Нема оправдување за политичко пазарење со безбедноста и животите на жените и децата.
