На Светскиот Ден на Акција за пристап до безбеден и легален абортус, Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување се приклучува на глобалното движење за промоција на репродуктивните слободи на жените и остварување на правата на жените за пристап до безбеден и легален абортус.
Во светски рамки, просечно 5 милиони жени се хоспитализираат секоја година за третман од компликации поврзани со абортус. Просечно, 19 милиони небезбедни абортуси се случуваат секоја година во земјите на развој, додека 47.000 жени умираат – бројка на која отпаѓа 13% од мајчинската смртност на глобално ниво. Иако најголемиот дел од абортуси во Европа се изведуваат легално и безбедно, сепак поради се поголемиот тренд на законски ограничувања за пристапот до абортусот се претпоставува дека во наредните години се поголем ќе биде бројот на жени од европските земји кои ќе се одлучуваат на небезбедни и нелегални методи за да го остварат своето лично право да ја прекинат несаканата бременост.
Правото на абортус како дел од корпусот на сексуални и репродуктивни права е признаено во голем број на меѓународни документи за човековите права, меѓу кои Меѓународниот Договор за економски, социјални и културни права, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација против жените и Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој. Жените во Македонија точно 40 години го уживаат правото до абортус, како и правото на личен избор за прекин на несаканата бременост. Од 1972 година, со донесување на законот за прекинување на бременоста, па се до денес драстично е намален бројот на небезбедни абортуси, а смртноста на жените поврзани со компликации од абортусот е далечно минато. Денес со развојот на репродуктивните научни технологии и воведувањето на медикаментозниот абортус (прекинување на бременоста со помош на таблети) е подобрен и квалитетот на услугите бидејќи им овозможува на жените да имаат дополнителна расположлива метода, покрај хируршкиот абортус, за да ја прекинат бременоста која од своја страна нуди поголема приватност и помалку трошоци.
Иако во голем број на земји од Европската Унија оваа метода сè повеќе станува редовна пракса, во Македонија оваа метода се уште не е достапна. За таа цел е потребно е регистрација на препаратите за медикаментозен абортус, кои се дел од есенцијалната листа на лекови на Светската Здравствена Организација, и соодветна едукација на здравствениот кадар, како жените во Македонија кои се одлучиле да направат абортус би го уживале на само правото на личен избор туку и правото да изберат со која метода да ја прекинат несаканата бременост.