Годинава, ХЕРА за првпат се приклучува кон Глобалното движење за промоција и заштита на репродуктивните слободи на жената, одбележувајќи го 28 септември – Светскиот ден за пристап до безбеден и легален абортус во Македонија. Целта на локалната кампања која ја спроведуваме по тој повод, ја потенцира либералната законска регулатива која веќе 40 години им овозможува на жените во Македонија слободно да одлучуваат за планирање на своето родителство, но и да посочи на безбедноста и сигурноста на процедурата за прекинување на бременоста која се изведува во рамки на здравствените клиники во земјата. Истовремено, кампањата имаше за цел да повика на регистрација на препаратите за медицинско прекинување на бременоста (метода која се уште не е достапна во Македонија) така што жените во Македонија кои одлучиле да направат абортус би го уживале не само правото на личен избор, туку и правото да изберат со кој метод да ја прекинат несаканата бременост.