Регионален состанок на владини и невладини претставници од 8 земји од Југоисточна Европа за ХИВ
По повод 1 декември, Светскиот ден на СИДА, денес се одржа првиот ден од дводневниот Регионален состанок на Југоисточна Европа за ХИВ, на кој учествуваат 50 претставници – од Глобалниот фонд, државни институции, граѓанскиот сектор, претставници од заедниците – од 8 земји. Целта на регионалниот состанок е да се дискутираат механизмите за одржливост, вклучување на заедниците во регионалниот дијалог, добри практики, предизвици и можности за одржливост по заминувањето на Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија (ГФ), и механизмите на ГФ за поддршка на земјите кои транзитираат од ГФ.
Во годината кога од една страна сме соочени со завршување на финансирањето на Глобалниот фонд на програмите за превенција од ХИВ, и од друга страна со кратење на вкупно потребниот буџет за продолжување на програмите за превенција за 59%, повеќе од потребно е да се продолжи со напорите за изнаоѓање на механизми со кои ќе се обезбеди одржлив одговор на ХИВ. Токму затоа, мрежа од организации и институции кои работат на ова поле во Југоисточна Европа си ја поставија целта – формирање на регионален координативен механизам кој ќе работи на одржливост на програмите ХИВ во овие земји. Само заеднички и координиран одговор ќе може успешно да одговори на предизвиците кои се пред најголем дел од земјите, во моменти кога голем дел од владите не обезбедуваат доволно средства за одржување на превентивните програми.
На првиот ден од регионалниот состанок свои обраќања имаа повеќе претставници. Аида Куртовиќ, заменик-претседавач на Управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија се осврна на едно од најбитните прашања – дали е можно да се стави крај на ХИВ епидемијата во земјите на ЈИЕ, ако се имаат предвид актуелните инвестиции од страна на локалните влади и интернационалните донатори. Свои излагања имаа и претставниците на Националните координативни механизми од земјите учесници: Македонија, Бугарија, Србија, Косово, Албанија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Романија.
Господинот Метју Мекгрегор – како претставник на програмата за одржливост од Глобалниот фонд, и Gyongyver Jakab, говореа за политиките и механизмите за одржливост и неопходно зголемување на домашните финансии за соодветен одговор за ХИВ. Раминта Стуиткјте како специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за ХИВ/СИДА во Источна Европа и Централна Азија ги изложи добрите практики и транзиционите модели за одржливост на ХИВ програмите. За потребата од зголемување на домашното финансирање и градење на одржливи сервиси за клучните популации за време на-и-по процесот на транзитирање говореа Хорхе Сааведра од AIDS Healthcare Foundation и Екатерина Лукичева од Фондацијата Отворено општетсво.
Регионалниот состанок продолжува и утре, петок 02 декември, со работни групи и официјално формирање на Регионалниот национален координативен механизам, и дефинирање на неговите цели и активности како здружено, мултусекторско и регионално тело кое ќе се залага за одржлив одговор на ХИВ.