Во изминативе години Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, воспостави успешна соработка со Комерцијална банка АД Скопје, пред се, во основањето и работата на Првиот семеен центар на Град Скопје. Имено, центарот во рок од една година обезбеди услуги за 136 жртви и сторители на семејно насилство.
Во рамки на оваа соработка, денес (26 декември, 2014 година), од стручниот тим на ХЕРА беше одржана еднодневна обука за вработени во Комерцијална банка АД Скопје на теми од областа на превенцијата на сексуалното и репродуктивното здравје. Триесетина вработени имаа можност да ги подобрат знаењата за семејното планирање, за заштита од семејно насилство, за заштита од ХИВ и воопшто за унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје.
Со ова, Комерцијална банка АД Скопје се истакнува, во рамки на приватниот сектор во Македонија, како прва социјално одговорна компанија којашто ја препознава потребата за обука на вработените на актуелни теми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје.
Обуките на работното место за теми кои се поврзани со здравјето и социјалните аспекти на животот на вработените се редовна пракса на компаниите и на синдикалните организации во земјите членки на Европската Унија.
ХЕРА стои отворена за соработка и ги охрабрува сите компании да пројават интерес за обука на своите вработени.
26 декември, 2014 година