На 26-ти, вторник со почеток во 11 часот во просториите на клубот ГЕМ, младинската група на ХЕРА заедно со Y-PEER мрежата, одржа трибина насловена „Зошто #ССО?“.
Целта на трибината беше запознавање на присутните млади со концептот на сеопфатното сексуално образование и потребата од воведување на ваков тип на образование во училиштата во Македонија.
На присутните се обратија Огнен Јанески, новинар и граѓански активист, кој ја истакна потребата од поголема застапеност на темите од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права во медиумите, како и потребата од обуки на новинарите со цел поголема сензитизација и разбирање на темите од сеопфатното сексуално образование. Исто така, Јанески ја акцентирање потребата од приближување на сеопфатното секуално образование до пошироката публика преку отстапување поголем медиумски простор за млади, дебати, емисии и трибини.
Ана Василева од „Бори се женски“активистка за женски права и блогерка ја претстави родовата перспектива на сексуалното образование. Даде осврт на неопходната потреба од овој тип на образование кое што на долг рок ќе ги руши бариерите и табуата во Македонија, во поглед на сексуалноста, телото, односите меѓу партнерите и ќе влијае на препознавање и намалување на насилството.
Дамјан Николовски од Y-PEER мрежата даде осврт кон моменталната ситуација во Македонија во однос на младинското сексуално и репродуктивно здравје, како и искуството во светски рамки во однос на предностите од воведување на ваков тип на образование. Го дефинираше сексуалното образование како концепт кој е базиран на човековите права, ги информира младите, промовира родова еднаквост и почитување на различностите.