Потребата од зајакнато учество на граѓанското општество во развивањето на здравствените политики и подобрување на буџетирањето на здравствените услуги кои се наменети за ранливите групи на граѓани, се меѓу клучните пораки од Националната конференција „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“.
Конференцијата е во рамки на проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од Швајцарската влада преку програмата ЦИВИКА Мобилитас, а партнерски го спроведуваат здруженијата ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје и Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, чии претставници ќе се обратат на конференцијата. Целта на проектот е унапредување на здравствените права, преку унапредување на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија, како и унапредување на процесот на консултација со граѓанскиот сектор, а особено со засегнатите целни групи при планирањето и подготовката на превентивните програми.
Елизабета Божиноска, програмската директорка на ХЕРА изјави: „Анализите на граѓанските организации покажаа дека, не само што има недостаток на финансиски средства за опфат за соодветна превенција во здравството туку треба значајно да се подобри и имплементацијата. Важно е вклучувањето на граѓанските организации во здравствена промоција и нудење на услуги особено за ранливите групи до кои не стигнува здравствениот систем, и од плурализацијата во здравството придобивки ќе имаат сите“.
Андреј Сених, од Здружение ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје изјави: „Од 2022 година досега постои тренд на опаѓање на инвестициите во превентивните активности за ХИВ од 45 мил. во 2022 година на 21 милион во 2024 година. Планираниот буџет за 2025 не е доволен за терапија, а ако остане ваков превентивните услуги кои постојат 20 години за ранливи граѓани ќе престанат со работа. Станува збор за над 9.000 граѓани кои ќе бидат во ризик од ХИВ, а со тоа опасноста од прелевање на инфекцијата кај општата популација“.
Јовица Андовски, заменик министер за здравство изјави: „Оваа тема е од суштинско значење за здравствениот систем и нашето општество во целина. Сите граѓани, без разлика на пол, возраст или социо-економски статус, треба да имаат подеднаков пристап до квалитетни здравствени услуги. Девојките, жените и ранливите групи претставуваат клучни категории за кои е неопходно да обезбедиме посебна поддршка, бидејќи тие најчесто се соочуваат со бариери во пристапот до здравствена грижа“.
Д-р Аким Али, претставникот на СЗО и шеф на канцеларијата во земјава изјави дека превенцијата и заштитата од болести се клучни во секој здравствен систем, без разлика дали се работи за имунизацијата на малите деца за да ги спречиме смртоносните болести како морбили или големата кашлица, или пак спречување на болести како туберкулоза, или третман на ХИВ, затоа што раната детекција и третман се многу важни. Тој додаде дека исто така, многу е значајно да се работи на здравствената заштита кај жените, како и на повозрасните граѓани. Во таа насока тој ја поздрави работата на Министерството за здравство во соработка со граѓанскиот сектор, како национални партнери, во превенцијата како значајна заштитна мерка и додаде дека се надева дека исходот од конференцијата ќе придонесе за обликување на идните политики и мерки.
Како дел од проектот се подготвија детални анализи на четири здравствени превентивни програми во Република Северна Македонија: Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, Програмата за партиципација при користење на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствената заштита на родилките и доенчињата и Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, од кои произлезе сублимираната анализа со наслов „Унапредување на превентивната здравствена заштита за ранливите групи наоди и препораки од мониторингот на четири здравствено превентивни програми на Министерството за здравство“. Дополнително, беа подготвени и Економски анализи со клучни наоди и препораки за унапредување на четирите програми, како и правна анализа за измени и дополни на Законот за здравствена заштита во делот на препознавање на граѓанските организации како даватели на здравствени услуги. Дел од наодите на овие истражувања покажуваат дека:
-
Со Програмата за рана детекција на малигни заболувања е планиран опфат од само 25.000 жени годишно (наместо планираниот опфат од наместо 115.345) од целната група на жени кои треба да бидат опфатени со скрининг за период од три години;
-
Жените кои немаат здравствено осигурување, од 2022 година се оставени без бесплатни прегледи во бременоста и породување;
-
Во 2023 година искористени се 94 % од средствата од целокупниот буџет на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата (искористени се 16,8 милиони денари од предвидени 18 милиони). Но, буџетските ставки наменети за најранливите категории на жени бележат најнизок процент на реализација: од предвидени 890.000 денари, потрошени се 316.190 денари (35% реализација).
На конференцијата ќе се обратат и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија, кои истовремено се дел и од Комисијата за здравство: Рашела Мизрахи, Венко Филипче, Илир Хасани и Беким Сали.