Со последното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска преку непочитување на правото на фер постапка на осудениот на две години затвор, Никола Груевски, во предметот „Тенк“, целосно се доведува во прашања кредибилноста за вршењето на мандатот на ова институција.
Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семеeн статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената пракса[1], туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде што очигледно нема дискриминација.
Само во последните три години членките на Мрежата за заштита од дискриминација доставија 19 претставки во случаи на дискриминација кон маргинализирани групи граѓани, за кои Комисијата во просек доцни по речиси 4 месеци, а за три од поведените претставки Комисијата доцни и повеќе од една година. На пример, Комисијата сѐ уште нема одлучено по претставката против Миленко Неделковски, пратена на 2.2.2017 година.
Наспроти ваквиот однос на игнорирање на маргинализираните заедници, Комисијата постапи брзо и пред законскиот рок во предметот на поранешниот премиер Никола Груевски.
Мрежата за заштита од дискриминација континуирано алармира за неефикасната заштита од дискриминација, меѓу другото, и поради немањето капацитет на Комисијата за заштита од дискриминација да се постави како препознатлива институција која ќе застане на страната на дискриминираните. Затоа, повторно апелираме до Собранието за Република Македонија итно да се пристапи кон усвојување на новиот Закон за спечување и заштита од дискриминација, врз чија основа ќе се разреши сегашниот состав на Комисијата согласно засилени критериуми за избор и пошироки надлежности за превенција и заштитата од дскриминација.
Скопје,
21.11.2018 година
Лице за контакт: Драгана Дрндаревска / dragana.coalition@gmail.com / 078200675
[1] Став на двајца членови на Комисијата за заштита од дискриминација даден во нивното издвоено мислење: https://fokus.mk/gruevski-ne-e-zhrtva-izdvoeno-mislene-vo-komisijata-za-diskriminatsija/