По денешниот протестен перформанс на Иницијатива на жените од Шуто Оризари кој се одржа пред Министерството за здравство, министерот Никола Тодоров ги покани претставничките на Иницијативата на средба во министерството. На средбата, министерот Тодоров се обврза веднаш да се изнајде решение со преземање на следните чекори:
- Итно распишување на оглас за матичен гинеколог во општината и финансиска стимулација на гинекологот
Министерот Тодоров се обврза уште денес да се распише оглас за избор на матичен гинеколог, кој во целост ќе може да одговори на барањата и потребите на над 8000 жени во репродуктивен период во општината Шуто Оризари, но и Ново Село. Како новитет е ветената финансиска стимулација на гинекологот во висина од 15.000 денари месечно, мерка која ќе трае две години.
2. Воведување на времена мерка која до исполнување на првата, ќе овозможи целосни гинеколошки услуги
До целосното завршување на процедурата за избор на матичен гинеколог, која се очекува да трае повеќе од два месеци, министерот се обврза да изнајде механизми за да се обезбеди целосност на услугите. Времената мерка ќе обезбеди гинеколози од ГАК кои ќе доаѓаат три пати во неделата, со целосно работно време и кои ќе бидат во можност освен советување и ехо-прегледи, да ги нудат и извршуваат сите останати услуги, како следење на бременост, издавање упати, микробиолошки наоди и слично.
По двегодишна битка за изнаоѓање на решение и отворање на ординација на матичен гинеколог кој во целост ќе може да одговори на барањата на заедницата, можеме да кажеме дека некои од овие мерки досега не покажаа соодветен резултат.
Сепак, ветувањата на министерот Тодоров, особено финансиска стимулација на гинекологот ги сметаме за чекор напред во разрешувањето на проблемот.
Во следниот период, внимателно ќе продолжиме да ја следиме состојбата и интензитетот на остварување на мерките на кои министерот Тодоров се обврза.
Барањето доставено до министерот за здравство Никола Тодоров може да го прочитате на следниот линк
Скопје, 3 ноември 2015
Иницијатива на жените од Шуто Оризари