ЗДРАВЈЕ НА РОМИ

ЗДРАВЈЕ НА РОМКИ

За да може да се оствари правото на здравје, здравствените услуги мора да бидат пристапни, достапни и квалитетни за сите. Истото важи и за сексуалното и репродуктивното здравје, а во „сите“ спаѓаат и социјално ранливите и маргинализираните граѓанки. Но, во практика постои недостиг на матични гинеколози низ државата и несоодветна географска распределеност низ државата на вработените матични гинеколози, бесплатните превентивни прегледи за бремените жени се многу малку искористени, а здравјето на Ромките се влошува и поради незаконската наплата на услуги кај матичните гинеколози кои инаку се бесплатни. Во сржта, ко пиреј, лежи дискриминацијата.

Затоа од 2005 година, преку нашиот младински центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари обезбедуваме и бесплатни и доверливи услуги за сексуално и репродуктивно здравје.

Во 2012 година започна програмата за правно зајакнување на Ромките од Шуто Оризари за да им го овозможи или олесни остварувањето на социјалните и здравствените права преку услугите на правен советник и на параправнички (т.е. обучени лица од самата заедница). Во 2013 година започна иницијативата за мониторинг од заедницата преку која Ромките од Шуто Оризари од прва рака ги мониторираа достапноста и квалитетот на услугите за репродуктивното здравје во заедницата и ја подигаа свеста кај локалното население за репродуктивните права. Денес, правното зајакнување, мониторингот од заедницата и активизмот за промени и подобрување на репродуктивното здравје кај Ромките се препознатлив знак за Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

Преку неформалната Мрежа за заштита од дискриминација учествуваме во застапување случаи на дискриминација (и) кон Ром(к)ите и сме дел од процесите на креирање политики за недискриминација.

Повеќе:

 

РОМИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

Стереотипите и јазот во комуникацијата меѓу здравствените работници и Ромите во практика значат само едно: непристапни и/или неквалитетни здравствени услуги за Ромите. Преку теренската работа сфативме дека причините лежат во недоволното познавање на обичаите, традицијата и културата кај дел од здравствените работници, но и на правилата на однесување во здравствените институции кон дел од ромската заедница. Па решивме да создадеме Нови приказни од амбулантата.

Преку форум-театарски претстави во Скопје, Куманово, Делчево, Свети Николе и Битола ги пренесуваме приказните од чекалната и ги поттикнуваме и едните и другите „да ги пробаат туѓите чевли“ за да полесно го срушат ѕидот што ги дели. А од 2017 година, заедно со Центарот за семејна медицина, ги развиваме комуникациските вештини кај лекарите преку акредитирани обуки – добрите практики ни се потврда дека нови приказни се возможни.

Повеќе: