Како организација која работи на терен и директно нуди здравствени услуги, но се залага за подобрување на основниот пристап до информации кај младите, ХЕРА сака да ја извести јавноста и да ги повтори следниве факти, во врска со изјавите на Министерот Ристовски:
-Инцијативата за сеопфатно сексуално образование е заснована на високата поддршка, од над 90%, што ја искажаа граѓаните (наставници, родители и ученици) во 2009. Во ова истражување учествуваше и Министерството за образование и наука.
-Прирачникот за наставници не е учебник. Овој материјал е дополнување на прирачните средства за наставниците одговорни за предметот Образование за животни вештини, изработен во договор и со официјална дозвола и од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образованието, исто како и многу други материјали и истражувања за сексуално образование од 2009 до денес.
-ХЕРА, уште минатата недела, им се заблагодари на сите 2801 граѓани и граѓанки кои ја поддржаа петицијата за „Последен први септември без сеопфатно сексуално образование“. Ова е солидна бројка за една краткорочна петиција чија цел беше да се поттикнат конкретни чекори, но и официјален став од МОН за инцијативата за сексуално образование, за којашто веќе подолго време од Министерството немаше никаков одговор.
Како конструктивна граѓанска организација, повикуваме на надминување на комуникација преку изјави на прес конференции и апелираме за стручен и институционален пристап од страна на МОН. Односно, предлагаме продолжување на започнатата соработка со единствена цел подобрување на информираноста и здравјето на младите и остварување на усвоените национални стратешки документи на Република Македонија.