ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување најостро го осудува случајот во кој 20-годишна мајка и нејзиното 14-месечно бебе се брутално претепани од блиски роднини.
Ги прашуваме одговорните институции зошто порано не преземале мерки на заштита и безбедност за детето и мајката имајќи предвид дека мајката е корисник на социјална помош поради што морала редовно да се обраќа до Центарот за социјални работи? Зарем е возможно никој во надлежните институции да не забележал траги од насилство врз неа и врз нејзината ќерка?
Бараме Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа и Основното јавно обвинителство најитно да ги утврдат причините за насилството и да покренат постапки за санкционирање на сторителите.
Жртвите на насилство мора да добијат постојана и соодветна медицинска помош и психо-социјална поддршка во подолг временски период. Надлежните мора да го проценат ризикот по безбедноста и да обезбедат и засолниште доколку е потребно. Со оглед на тоа дека мајката е пуштена на домашно лекување, ги прашуваме надлежните зошто повторно не е направена проценка за безбедна средина и каде жртвата ќе се врати по напуштањето на болницата?
Секој регистриран случај на семејно насилство и на родовобазирано насилство укажува на неопходноста од превенција и намалување на штетите што и во случајов можело да се постигне доколку постои мултисекторски и координиран пристап кон препознавањето и справувањето со насилството.
Оттука, апелираме до надлежните институции – односно, социјалните служби, полицијата, Основното јавно обвинителство – да соработуваат меѓу себе и конечно да почнат да реагираат пред да одекнат вестите во медиумите. Само така ќе може да се постепено да се поврати довербата во системот и да се прекине кругот на насилството без жртви.