Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А. и Град Скопје ги повикуваат граѓаните да се вклучат во процесот на изработка на Планот на активности за отворање на семеен центар во Град Скопје подготвен од работната група на проектот Прв семеен центар во Град Скопје. Проектот е реализиран во рамките на Програмата CIVICA Mobilitas 2012 која се спроведува од страна на Центарот за институционален развој-ЦИРа со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Семејниот центар ќе претставува иновативен сервисен модел во третирањето на семејно насилство бидејќи во него ќе се нудат интегрирани услуги за психо-социјална поддршка и третман не само за жртвите, туку и за сторителите на семејното насилство. Центарот ќе биде отворен во втората половина на годината и ќе биде раководен од ХЕРА и Град Скопје.
Отворањето на центарот е во согласност со Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство (2012-2015) каде се предлага холистички пристап кон заштитата, помошта и поддршката на жртвите. Дополнително проектот ги следи насоките на Локалната стратегија за родова еднаквост на Град Скопје особено јакнењето на положбата на жената и подобрување на пристапот до социјални сервиси со цел намалување на бројот на жени – жртви на семејното насилство.
Вашите предлози и коментари во врска со Планот на активности ќе бидат земени предвид при усвојувањето на финалната верзија на Работниот план која ќе биде преставена на интернет страниците на ХЕРА и на Град Скопје до крајот на април.
Ве молиме вашите коментари да ги испратите најдоцна до 18 април 2013 година на следната е-адреса: kristina.plecic@hera.org.mk .