Оваа рамка е дизајнирана во форма на водич, со прашања, што ќе им овозможи на оние кои ја применуваат да направат анализа и да дадат оценка за вклученоста на концептот на РЕСИ во политиките на државата. Рамката може да се користи и во процесот на подготовка на конкретна политика со која се анализираат проблемите, потребите и очекувањата на жените и на другите социјално ранливи групи за различни општествени прашања. Рамката тргнува од фактот дека родот е општествено препознаен како еден од повеќекратните фактори на маргинализација. Другите фактори на маргинализација ги вклучуваат (иако не се докрај ограничувачки и зависат од социјалниот контекст на државата) попреченоста, возраста, брачниот статус, етничката припадност, религиозните сфаќања, сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Крајната цел со примена на рамката е да се согледа како политиката ќе постигне позитивна промена во животот и благосостојбата на жените и на другите ранливи заедници.
Оваа рамка е наменета да се користи од страна на претставници на експертски тела, комисии, работни групи за родова еднаквост во рамки на националната и на локалната власт и од одговорните лица за родова еднаквост во министерствата и во другите органи на државната управа. Рамката може да ја користат и други назначени органи и тела од институциите на системот или интерсекторски групи во кои постојат капацитети и искуство во спроведување на родови анализи. На крај, оваа рамка може да се користи и од страна на други организации, вклучително и од граѓанскиот сектор (со одредена адаптација), како алатка за проценка на влијанието на РЕСИ во програмите, регулативите, проектите и структурите на управување.
Методологијата за вклучување на РЕСИ во креирање на политиките на национално ниво е достапна на македонски јазик.
