Со задоволство објавуваме дека на Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“, кој се одржа на 21 мај 2026 година во Скопје во организација на ХЕРА, младите усвоија Младинска декларација за инклузивно владеење и градење мир, со јасни барања за суштинско учество на младите во процесите на донесување одлуки, локалното управување и креирањето политики.
Декларацијата испраќа силна порака дека младите не сакаат да бидат само симболично консултирани, туку активно вклучени во сите фази на носење одлуки – од креирање и имплементација, до мониторинг и евалуација на јавните политики. Во услови на растечка поларизација, недоверба во институциите, економска несигурност и социјални поделби, младите повикуваат на општество во кое ќе бидат препознаени како рамноправни партнери и двигатели на позитивни промени.
Клучни барања вклучени во Декларацијата:
- Функционални и поддржани локални младински совети, со транспарентна работа, редовни консултации со младите и вистинско влијание врз локалните политики и буџети.
- Поголема отчетност на институциите и младинските механизми, преку финансиска и техничка поддршка, јавни извештаи и следење на ефективноста на механизмите за младинско учество.
- Препознавање на младите како градители на мир, преку поддршка на младински иницијативи, интеркултурен дијалог, безбедни простори и спречување на говор на омраза и дискриминација.
- Создавање можности младите да останат, растат и придонесуваат во своите заедници, преку подобро кариерно насочување, поддршка за претприемништво, развој на вештини и еднакви можности во помалите општини.
- Заштита на младинските гласови, активисти и миротворци, преку безбедни услови за организирање, застапување и учество, без страв од дискриминација, притисоци и онлајн вознемирување.
- Менталното здравје и благосостојбата на младите да бидат препознаени како предуслов за активно учество и градење мир, со достапни и младински прилагодени услуги за ментално, сексуално и репродуктивно здравје.
- Граѓанска едукација и медиумска писменост, за младите да можат активно да учествуваат во јавниот живот, да препознаваат дезинформации и да се спротивстават на поделбите и поларизацијата.
- Вклучување на младите во еколошките политики и климатската акција, преку поддршка на зелени иницијативи, еколошка едукација и поголема одговорност за одлуките што влијаат врз квалитетот на животот.
- Поддршка на младинската креативност, култура и слободно изразување, преку создавање безбедни и достапни младински простори за организирање, волонтирање, неформално учење и заедничко дејствување.
- Активно вклучување на маргинализираните и недоволно застапени млади, особено младите од рурални средини и помали општини, преку надминување на финансиските, социјалните, јазичните и дигиталните бариери за учество.
Во завршниот повик од Декларацијата, младите бараат институциите да преминат од декларативна поддршка кон конкретни мерки, ресурси и отчетност, со редовно информирање за тоа што е реализирано и како младинските препораки ќе бидат вклучени во идните политики.
Форумот и Декларацијата беа реализирани во рамки на проектот „Youth Connect: Building Inclusive Participation through Local Partnerships“, поддржан преку програмата RYCOgnizing YPS, имплементирана од RYCO со поддршка на Германската соработка.
Декларацијата е достапна на англиски јазик.
