„Промоцијата на семејното планирање и обезбедувањето на претпочитаниот метод за контрацепција за жените и за паровите, се клучни за да се осигури благосостојбата и автономноста на жените, но и доброто здравје и развојот на заедницата во целина.“
Светска здравствена организација
Основен предуслов за формирање на позитивни ставови за сексуалноста, сексуалното и репродуктивното здравје, донесување информирани одлуки, е секако воведувањето на сеопфатно сексуално образование. Во Македонија, како што бележат скорешните истражувања,8% од учениците изјавиле дека учеле за орална контрацепција по биологија, а само 3% на часот по образование за животни вештини.
Каде што постојат митови и неточни информации, постои и погрешен избор.
Младите се во пeриод каде треба да донесат многу одлуки, кои сериозно влијаат на нивното здравје и живот, како и понатамошно однесување, а сепак се оставени без основните информации, кои ќе им помогнат да донесат информирана одлука.
Во моментов, во Обединетите Нации е во тек дефинирањето на развојната агенда во периодот по 2015-та година, досегашните Милениумски развојни цели, се заменуваат со Одржливи развојни цели, а таму во целта број 5 „да се постигне родова еднаквост и да се еманципираат сите жени жени и девојки“ е наведено дека е потребно „да се обезбедни сеопфатен пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје и репродуктивни права“, а под ова се подразбира и поголема достапност до контрацепција, кондоми, хормонска контрацепција и итна контрацепција.
Денес на 26 септември, Светскиот ден на контрацепцијата, ќе ја искористиме и оваа прилика да ја истакнеме важноста од зголемувањето на свеста за контрацептивните средства и методи, како и едукација на младите луѓе со цел да им се овозможи да донесуваат информирани одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје.
Контрацепцијата пред сè претставува право на здравје и здравствена заштита. Во 2012 година Обединетите нации, односно Фондот за население на Обединетите нации го прогласи ПРИСТАПОТ ДО КОНТРАЦЕПЦИЈА ЗА УНИВЕРЗАЛНО ЧОВЕКОВО ПРАВО!
Во Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (HBSC) од 2013 година, стапката на употребата на пилули за контрацепција кај младите на 15 годишна возраст во Македонија е 6% и е значително пониска од меѓународниот просек, којшто изнесува 22%.
Цената на чинење на контрацептивните средства дефинитивно претставува бариера, особено за младите луѓе. Во Македонија има контрацептиви, кои не се покриени од Фондот за здравствено осигурување. Според Извештајот за состојбата на светското население од 2011 година, процентот на жените од Македонија кои се во репродуктивен период и кои користат модерна контрацепција е далеку зад земјите од соседството и Европа.
Поради слoбодата во изборот и самостојноста во личниот и професионалниот живот, слободата во одлуката за планирање на семејството е неопходна.
Затоа и на овој 26-ти септември, младинската група на ХЕРА бара:
• Намалување на цените на контрацептивните средства и воведување на барем едно контрацептивно средство што ќе биде поракиено од страна на Фондот за здравствено Осигурување
• Воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата, со цел кршење на митовите и бариерите кои постојат во врска со сексуалното и репродуктивното здравје, особено контрацепцијата