На работилницата на тема „Законодавниот дом и ХИВ – политики, закони, застапување“ која ја водеше Уважениот лорд Фаулер, член на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство, учествуваа седум пратенички и еден пратеник на Собранието на Република Македонија, претставници на Кабинетот на претседателот на Македонија, претставници на Обединетите нации, претставници на Министерството за здравство и невладини организации.
За време на работилницата пратениците од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДОМ имаа можност да се информираат за искуствата на Обединетото Кралство во соочувањето со ХИВ епидемијата, од нејзините почетоци до денес, но и да стекнат подобра слика за состојбите и предизвиците во Македонија. Дополнително пратениците се информираа како нивните колеги од другите земји се вклучуваат во креирањето и имплементацијата на политиките и законите поврзани со ХИВ, а беше отворена и дискусија за тоа како нашите пратеници можат да го дадат својот придонес кон подобрување на состојбите со ХИВ во земјата.
За време на дискусијата се донесоа следните заклучоци во правец на подобрување на националните мерки за ХИВ:
- Да се иницира формирање на парламентарна лоби група за универзален пристап за ХИВ/СИДА, со претставници од сите партии во Собранието на РМ која би станала дел од мрежата на Европскиот парламентарен форум за популација и развој
- Да се организира јавна расправа за сите видови на дискриминација поврзани со ХИВ/СИДА, особено за стигмата и дискриминацијата со кои се соочуваат лицата кои живеат со ХИВ
- Да се организира јавна расправа, заедно со „Заедно посилни“ – работна група за поддршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Македонија, на која ќе се разгледаат можностите за воведување на одржлив систем за континуирана набавка на антиретровирусни лекови за ХИВ и на која би се разгледала имплементацијата на Националната стратегија за ХИВ
- Собранието и пратениците на РМ да се вклучат во поддршката на образование за ХИВ од најрана возраст и во поддршката на информативно-едукативни кампањи со цел подигање на јавната свест за ХИВ
- Собранието и пратениците на РМ да се вклучат во изнаоѓање на ефикасен систем на финансирање на националните програми за ХИВ/СИДА, особено за наредните години кога значителниот дел од странски фондови ќе се повлечат од нашата земја
Работилницата ја организираше Здружението на граѓани ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, „Заедно посилни“ – работна група за поддршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Македонија со поддршка од Националниот демократски институт (НДИ) и Фондацијата за демократија Вестминстер, а во соработка со Европскиот парламентарен форум за популација и развој.