Контрацепцијата, претставува важен дел од севкупното сексуално и репродуктивно здравје на младите. Оваа тема, често пати предизвикува судири и конфликти поттикнати од различните мислења, идеи и ставови. На многу места во светот, па и кај нас, сè уште постојат митови и предрасуди. Во име на овие случувања, подигнување на свеста и создавање на свет каде секоја бременост е посакувана, 26 септември е ден се одбележува како Меѓународен ден на контрацепцијата.
За жал, и нашето општество е меѓу оние каде што има многу конфликти на оваа тема, со кои пак младите секојдневноно се соочува. Поради сето ова младите постојано се запрашуваат- Зошто контрацепција ? Како се употребува? Кои се можните негативните појави? И многу прашања кои почнуваат со „А, што ако…?”
Ние младите, кои претставуваме двигатели на процесите во нашата државата, но уште поважно ние младите како активен дел од сегашноста, мораме да бидеме главна тема на разговор и во фокусот на вниманието на сите донесувачи на одлуки. Нашите права, здравје и образование, заслужуваат да добијат приоритет пред сè. Ние треба да бидеме во можност да ги оствариме нашите потреби и да добиеме решение на нашите проблеми и прашања, отворено и јасно преминувајќи преку сите стигматизирачки и стереотипни размислувања. Препреките, со кои што се соочуваме сите заедно, не смеат да бидат главен фактор кој ќе не натера да се откажеме од темите кои не засегаат и кои допринесуваат во креирањето на нашата иднина. Една таква тема од суштинско значење е и сексуалното и репродуктивно здравје и права. Кога станува збор за контрацепцијата и нејзината употреба, статистиката покажува поразителни факти и бројки.
Од една страна модерната контрацепција за младите во нашата земја е прескапа, затоа што таа не е на товар на државата. Од друга страна младите имаат малку информации за модерната контрацепција, од нашето последно истражување податоците говорат дека само 11% од средношколците во Скопје за време на часовите обработуваат теми поврзани со контрацепцијата. Исто толкав е бројот (11%) и на оние млади девојки кои користат некаков вид на модерна контрацепција. Покрај тоа последните информации од Центарот за јавно здравје во Скопје покажуваат дека иако бројот на абортуси кај генералната женска популација се намалува, додека пак кај младите девојки тој број се зголемува.
Во Македонија младите немаат соодветно сексуално образование, кое што би ги обезбедило сите научно потврдени факти во однос на сексуалното и репродуктивното здравје пред сè фактите врзани за: контрацепцијата, планирање на семејството, безбедното мајчинство, унапредувањето своето здравје. Поради ова младите се изложени на ризици и на одлуки за кои не се спремни. Со занемарувањето на оваа тема и одложувањето на нејзиното решавање, не го решаваме проблемот, туку напротив додатно го продлабочуваме и тонеме во оваа сè уште нерешена ситуација. Покрај тоа, ние, скоро секогаш сме изоставени од дебатата и одлуките за нашите потреби и проблеми. На сето ова, кога зборуваме за контрацепцијата, нејзината висока цена, нејзината недостапност, проблемот станува само потежок и посложен.
Како младинска група на ХЕРА секојдневно се бориме со стигмата и предрасудите и преку неформалното образование се трудиме да отвориме простор за дебата и пласирање на вистинските и потврдени информации. Од друга страна постојано се залагаме за воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата. И можеби најтешкиот дел, да ја подигнеме свеста кај секој поединец и отвореното да разговараме за овие теми, без присуство на страв и општествен срам. Младинската група на ХЕРА, продолжува со упорноста и спроведувањето на едукативни работилници и информативни катчиња каде што на младите ќе им бидат одговорени сите прашања што досега ги мачеле и засегале. На нас останува дали ќе заземеме активно учество или пак ќе оставиме некој друг да го обликува нашето секојдневие и нашата иднина.