Собранието на РМ го отвори прашањето за моделите и можностите за обезбедување одржливост на програмите за ХИВ кои ги раководат граѓанските организации по завршувањето на донаторската поддршка во 2016
Денес во Собранието на Република Македонија Комисијата за здравство во соработка со Меѓупартиската парламентарна група за ХИВ и Платформата за ХИВ одржаа јавна расправа на тема „Обезбедување на одржливост на воспоставените програми за ХИВ за групите под особен ризик од ХИВ по заминувањето на Глобалниот фонд на крајот на 2016 година-можности и предизвици”.
Во Република Македонија постои широко развиена мрежа од 15 граѓански организации коишто имаат воспоставено инфраструктура и обучени човечки ресурси за раководење и нудење на директни сервиси за превенција и поддршка за ХИВ помеѓу припадниците на ранливи и тешко достапни групи граѓани: мажи кои имаат секс со мажи (МСМ), сексуални работници (СР), лица кои инјектираат дрога (ЛИД), лица што живеат со ХИВ (ЛЖХИВ), осудени лица и млади. Сите воспоставени сервиси се под ризик да престанат со работа по повлекувањето на Глобалниот фонд на крајот на 2016 година, доколку не се обезбедат средства за нивно понатамошно финансирање. Преку граѓанските организации во 2014 година се опфатени 15000 припадници на ранливите групи, кои направиле 70000 посети и добиле повеќе од 200 илјади бесплатни услуги за превенција и поддршка за ХИВ во постоечките сервиси.
Од дискусијата на пратениците, претставниците на граѓанскиот сектор, Министерството за здравство, здравствените институции и членовите на Националниот координативен механизам произлегоа следниве заклучоци:
- Владата на Република Македонија и Министерството за здравство како носител на националната програма за ХИВ и долгогодишен примарен примател на донациите за ХИВ на Глобалниот фонд во следната година имаат обврска и одговорност да го спроведат националниот план за транзиција од финансирање со донаторски средства кон финансирање со средства од Буџетот на Република Македонија, како и да воспостават ефективни законски и подзаконски механизми за обезбедување одржливост на веќе воспоставените превентивни програми за ХИВ пред завршувањето на поддршката од Глобалниот фонд, со цел да се одржи ниската стапка на ХИВ во земјата.
- Се поздравуваат чекорите на Министерството за здравство за обезбедување на партиципативен процес во изработка на критериумите за граѓанските организации и планирање на превентивни сервиси за групите под особен ризик (МСМ, ЛИД, СР и млади) како клучни за обезбедување на одговорна транзиција по повлекувањето на Глобалниот фонд на крајот на 2016 година
- Министерството за здравство до крајот на 2015 година да ги подготви и усвои критериумите за вклучување на граѓанските организации како имплементатори на Програмата за заштита на населението за ХИВ/СИДА, коишто ќе гарантираат транспарентен процес на вклучување и ангажирање на граѓански организации коишто имаат искуство и експертиза во раководење на сервиси за превенција, грижа и поддршка од ХИВ
- Министерството за здравство да издвои финансиски средства за граѓанските организации коишто нудат услуги за групите под особен ризик од ХИВ во Програмата за заштита на населението за ХИВ/СИДА за 2016 година, со цел унапредување на јавното здравје во Република Македонија преку фокусирани интервенции помеѓу овие граѓани и одржување на ниска стапка од ХИВ во иднина
- Министерството за здравство во првото тромесечје од 2016 година да започне процес на ангажирање на граѓански организации коишто ќе бидат впишани во регистарот на здруженија имплементатори на Програмата за да се тестира функционалноста на системот за доделување финансиска поддршка на граѓанските организации преку националните програми и буџети, за да се остави доволно простор во втората половина од годината да се преземат итни мерки за надминување на евентуалните законски или административни пречки во спроведувањето на програмите кои ќе ги раководат граѓанските организации
- Министерството за здравство и Агенција за лекови да преземат чекори со кои ќе создадат услови и ќе ги поттикне фармацевтските компании да ги регистрираат сите неопходни антиретровирусни лекови за третман и превенција на ХИВ-инфекцијата и да го унапреди буџетирањето за антиретровирусните лекови врз основа на референтни цени во согласност со законски утврдената методологија за формирање на цените на лековите.
- Поради ургентноста за спроведување на одговорна транзиција на превентивните програми за ХИВ во текот на 2016 година кога се повлекува Глобалниот фонд, Пратениците од Собранието на Република Македонија да одржат нова јавна расправа по шест месеца, за да се утврди постигнатиот прогрес и спроведувањето на препораките од оваа јавна расправа во насока на обезбедување на финансиска одржливост на веќе воспоставените програми за ХИВ