Пред вас е Годишниот извештај на ХЕРА за 2019 година – една од најуспешните години за сексуалното и репродуктивното здравје и за родовата еднаквост во Македонија во споредба со изминатите десетина години.
Вистински пресврт во наративот за репродуктивната слобода се случи со усвојувањето на новиот Закон за абортус со кој се елиминираат сите административни пречки што го ограничуваа пристапот на жените до слободен избор за планирање на родителството. Од локалните достигнувања ја издвојуваме и заложбата на Владата за подобрување на содржините за сексуално образование и нејзината одлука за започнување на пилот-проект во четири основни училишта кој ќе го спроведуваме во соработка со Бирото за развој на образованието.
Глобално, во Најроби се одбележаа 25 години од одржувањето на Меѓународната конференција за популација и развој, на која за првпат беа признати потребите на луѓето за личното сексуално и репродуктивно здравје и за права на глобално ниво. По тој повод Владата усвои листа на национални цели, меѓу кои се и намалувањето на незадоволените потреби за семејно планирање до 10 %, одржувањето на ниска стапка на ХИВ и интегрирањето на сексуалното образование како изборен предмет во наставата.
Во текот на 2019 година, над 7.515 лица добија бесплатни услуги во нашите сервиси, 392 млади добија едукација за сексуално образование, а 376 даватели на услуги поминаа обуки за планирање на семејството, родово базирано насилство, советување и тестирање за ХИВ и основен пакет на СРЗ услуги во услови на кризи. Од оваа година за првпат сите сервиси на ХЕРА финансиски се поддржуваат од превентивните програми на Министерството за здравство и буџетот на Град Скопје, што е особено важно за нивната одржливост во иднина.
Ова е само дел од низата успеси за репродуктивната слобода и сексуалните права по кои ќе ја паметиме 2019 година. Сите останати ќе ги најдете во Годишниот извештај за 2019 година кој е достапен на македонски и англиски јазик.