Владата на Република Македонија, односно Министерството за здравство како овластен предлагач достави до Собранието на Република Македонија нов Предлог закон за прекинување на бременоста.
Ова се причините зошто овој закон треба да биде повлечен од собраниска процедура.
- Предлог законот задира во основните слободи и права и според тоа претставува сложен и обемен закон и не смее да се носи во скратена постапка.
- Предлог законот за прекинување на бременоста ја укинува/брише досегашната одредба на слободен избор на жената за прекин на бременоста до 10 гестациска недела преку воведување на рестрикциони механизми кои не се базирани на научни сознанија и медицина-базирана на докази ниту во согласност со постојните медицински насоки за прекинување на бременоста дефинирани од страна на Светската Здравствена Организација поради следниве одредби:
- доставување на писмено барање од страна на жената за прекин на бременоста,
- давање писмена согласност за интервенцијата од страна на жената,
- задолжително пред-абортус советување,
- известување на брачниот партнер,
- поставување на задолжително време за чекање од 3 дена по советувањето за да може да се изведе интервенцијата,
- доставување на потврда од гинеколог-специјалист
Одредбите во член 6 од предлог законот за прекинување на бременоста за барање до 10 недела се во колизија со член 2 од предлог законот кој дефинира дека за прекинување на бременоста слободно одлучува жената, што претставува повреда на одредбите од уставот и загарантираните слободи и права како и меѓународните договори ратификувани од страна на Република Македонија.
- Одредбите од Предлог законот утврдуваат нова надлежност на министерот за здравство да донесува одлуки за:
- подготовка на форматот за писмено барање за абортус,
- воспоставување на акти за советување и клинички протоколи,
- формирање на првостепени комисии во здравствените институции
Со ова се нарушува автономноста и се деградира способноста/капацитетите на здравствените установи задолжени да ја вршат оваа дејност особено што абортусот во законот се дефинира како медицинска интервенција и со тоа експертизата треба да лежи во професионалниот кадар и здравствените установи и медицинската фела (лекарска комора).
Формирањето на комисија во здравствената установа од страна на министерот дополнително ќе ја бирократизра процедурата за жената која поднела барање, а индиректно министерот ќе биде во улога на одлучувач дали на жената да и се прифати барањето или не.
- Високи парични казни како и воведување на мерка затвор за докторите кои не се придружуваат до одредбите во овој закон дури за процедури кои не се животно-заканувачки (водење евиденција, известување на партнер) не соодветствуваат со казните при изведување на други медицински интервенции, а дополнително го руши дигнитетот на лекарите и самата професија.